Куманово

Повозрасни лица жртви на измами за огревно дрво

03.03.2022 13:54

Повозрасни кумановци плаќаат, но не добиваат огревно дрво. Кумановската полиција само во февруари бележи три пријави за измами за огревно дрво. Надлежните апелираат за внимателност и сомнителните случаи да се пријават на 192...

Зачестени измами за огревно дрво регистрира Секторот за внатрешни работи Куманово. Жртви на вакви измами се повозрасни кумановци. Изминативе два месеца се евидентирани вкупно осум пријави, од кои четири се измами на граѓани при купување на огревно дрво.

„Начинот на измама сторителите го вршат со доаѓањето во домот на постари лица при што ги доведуваат во заблуда со лажно прикажување на факти дека продаваат огревни дрва. Ги наведуваат да им платат за дрвата под изговор дека камионот со дрва е во близина и дека тие ќе им бидат донесени. Ги земаат парите и подоцна заминуваат“, вели Ивана Младеновска, портпарол СВР Куманово.

Од СВР Куманово информираат дека дури три од измамите биле пријавени во февруари. 

Според пријавите, сторителите дури со граѓаните заминувале на места каде што наводно било складирано огревното дрво. По пристигнување, ветувале дека ќе заминат по камион или мотор за сечење, но всушност оделе во нивните домови и од роднините барале пари.

Лани кумановската полиција регистрирала вкупно 26 пријави за измами, од кои шест за измама при купување огревно дрво.

„Во име на СВР Куманово да апелирам до граѓаните да бидат претпазливи особено повозрасните кога непознати лица им нудат огревно дрво за пониска цена од продажната да не наседнуваат на измами во кои лажно се нудат услуги и сите сомнителни случаи да ги пријават на 192“, посочи Младеновска.

СВР Куманово укажуваат дека преземаат мерки за пронаоѓање и санкционирање на сторителите.
 

Елена Георгиевска