Приватните доктори утре повторно на протест
Откако минаа две седмици, кои биле договорени за да се оформат работни групи кои ќе ги решаваат проблемите на првитното здравство, а тоа не се случи, утре тие нема да работат со пациенти за „Мој термин“, но ќе примаат само итни случаи...

Откако две седмици чекаа да започнат со формирање на работни групи и решавање на проблемите на приватните лекари, а тоа не се случи, утре тие повторно ќе протестираат. Ова се однесува на матичните лекари и на докторите специјалисти од секундарното здравство, од приватниот сектор.
Докторите утре ќе бидат во амбулантите, нема да примаат пациенти за „Мој термин“ и ќе работат само со итни случаи. Нивен револт е откако на последната средба со заменикот министер за здравство Владимри Рендевски, на која подоцна се вклучил и министерот за здравство Беким Сали, беше договорено за една до две седмици, да се формираат работни групи, а тоа не се реализирало.
По средбата од пред две седмици, заменикот министер за здравство Рендевски, потврди дека една третина од приватните лекари во земјава од 1,4 илјади членови, земаат минимална плата. Ако ваквата состојба продолжи тие најавуваат дека ќе ги затворат амбулантите.
Поради лошата состојба во приватното здравство, бројот на доктори последните 5-6 години од 1.800 се намалил на 1.436.
Петар Печков
