Македонија

Политички обвинувања на свечената седница на Општина Тетово

03.03.2022 15:29

И на свечената седница на Општина Тетово политички обвинувања. Советничката група на СДСМ говорот на градоначалникот Биљал Касами го оцени како политички. Од раководството на општината, пак, велат дека на седницата била изнесена реалната состојба и фактите. Протоколите против Ковид-19 и овој пат не се почитуваа за време на седницата…

Славиме три децении од воведувањето на демократскиот систем во Тетово, но и отстранување од локалната самоуправа на раководството кое во два мандати ги задолжуваше граѓаните, а уништи повеќе општествени сектори-истакна градоначалникот Биљал Касами на одбележувањето на 3-ти март, денот на општината. Ќе работиме на поставување на вистинските вредности, порача тој.

Од опозициската советничка група на СДСМ, говорот на Касами го оценија како политички, со крајна цел собирање поени. Оттаму сметаат дека биле ненавремено известени за поднесување на предлози за лица, кои треба да добијат признанија на денот на општината.

Претседателот на Советот, Бесар Дурмиши рече дека навреме биле известени сите советнички групи.

И на денешната свечена седница која се одржа во преполната сала на Општина Тетово, не се почитуваа протоколите против Ковид-19. Повеќе од половина од присутните не носеа заштитни маски.

Зоран Димовски