Воен конфликт

Нова рудна преговори меѓу Москва и Киев

03.03.2022 15:49

Градот Херсон е под руска контрола. Зеленски преку видеопорака ги повика украинците да продолжат со отпорот. Втора рунда преговори меѓу Москва и Киев на полско-белоруската граница. Во фокусот прекинот на огнот. Еден милион луѓе веќе избегале од Украина…

Нова рунда мировни преговори меѓу Русија и Украина. Во Брест на полско-белоруската граница преговарачите на Киев и Москва ќе се обидат да го прекинат огнот.

„Руската делегација чека. Разговорите ќе се одржат на истото место каде што беше планирано – на територијата на регионот Брест во Белорусија. Во контакт сме со украинската страна. Имаме предлози во три дела, поврзани со воени, технички, меѓународни хуманитарни и политички аспекти“, изјави Владимир Медински, шеф на руската делегација за разговори со Украина.

Додека се чека дипломатскиот исход, и натаму жестоки борби на улиците во Украина. Во изминатото деноноќие загинати и повредени во Киев. Силна експлозија синоќа одекна во близина на централната железничка станица. Жртви и во вториот по големина украински град Харков. Властите во украинскиот град Мариупол велат дека стотици луѓе загинале во гранатирањето.

„За жителите на Мариупол ова се најтешките денови. Русите сакаат да нè уништат сите. Критичната инфраструктура е повторно оштетена. Повторно сме без вода“, изјави Вадим Бојченко, градоначалник на Мариупол.

Москва тврди дека нејзините сили напредуваат кон стратешките цели.

„За време на операцијата беа погодени 1.612 воени локации, вклучувајќи 62 командни и комуникациски пунктови на украинската армија“, рече Игор Конашенков, портпарол на руското Министерство за одбрана.

Според претседателот Зеленски одбранбените линии на Украина се задржуваат, но без прекин руските сили ги гранатираат градовите.

„Речиси 9.000 Руси се убиени за една недела. Одете дома. Со целата своја војска. Кажете им на вашите офицери дека сакате да живеете. Треба да ја запреме војната и да го вратиме мирот што е можно поскоро“, нагласи украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Еден милион луѓе ја напуштиле Украина од почетокот на руската инвазија, велат од комесаријатот за ООН за бегалци.

„Чувствувам како да сум на безбедно место. Уморен сум бидејќи 24 часа не спиев и ми беше тешко да ја преминам границата“, вели еден украински бегалец.

Брисел повикува на итен прекин на огнот во Украина. Шефот на европската дипломатија Жозеп Борел бара итно воспоставување на хуманитарен коридор. Европската унија ќе преземе дополнителни чекори против Русија доколку ситуацијата во Украина се влоши, најави претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен. Блокот се подготвува за милиони бегалци во Европската унија.

„Мораме да се подготвиме за милиони бегалци. Речиси еден милион веќе се тука. Треба да имаме соодветно законодавство за заштита и насоки како да се справиме со различните ситуации што се случуваат на границата“, нагласи Илва Јохансон-еврокомесар за внатрешни работи.

Во големите руски градови не стивнуваат анти-воените демонстрации. Десетици приведени во Москва и Санкт Петерсбург на собирите со кои граѓаните бараа ставање крај на руската воена инвазија врз Украина.

Маријана Димовска