Украинска криза

Лазаревиќ сѐ уште чека одговор од МНР за можноста да се врати во Македонија

03.03.2022 16:14

Даниел Лазаревиќ кој со своето семејство се наоѓа во централниот дел на Украина сѐ уште чека одговор од Министерството за надворешни работи за можноста да се врати во Македонија. Вели дека се на 250 километри од зоната кадешто се одвиваат воените дејствија...

Продукти во продавниците има, но не можеме да купиме поголеми количества, раскажува Даниел Лазаревиќ, Македонец кој е оженет за Украинка и со своето семејство се наоѓа  во централниот дел на Украина. За можноста да се врати во Македонија заедно со своето семејство, сѐ уште чека одговор од Министерството за надворешни работи.

„Пред 34 часа исконтактирав со МНР. Ми кажаа дека контингентот кој го организирале е веќе тргнат од Киев. Тоа беше пред точно два дена. Моментално немаат ништо организирано и ми кажаа дека доколку имаат во план да повлекуваат македонски државјани од тука, ќе стапат во контакт со мене. Но, јас сум на 400 километри од Киев, а моментално ситуацијата со бензинот е остра, нема бензин, не се наоѓа лесно. Тако што, не знам што ќе биде“, изјави Даниел Лазаревиќ за МТВ.

Вели дека се наоѓаат околу 250 километри од зоната кадешто се одвиваат воените дејствија. Ситуацијата е многу напната и не знаат до кога ќе имаат храна.

„Ќе стигнат производи и за 3 до 4 часа после нема ништо, луѓето купуваат и складираат намирници, бидејќи никој не знае што ќе биде утре“, додава Лазаревиќ.

Лазаревиќ исконтактирал со уште една македонска фамилија од Киев со мало бебе кои сѐ уште не се евакуирани.

 

Ана Ј. Тодоровска