Вонреден состанок во Брисел

НАТО сојузниците обединети во поддршката на Украина и санкциите против Путин

04.03.2022 11:54

НАТО на вонредна координација за можниот одговор на рускиот напад на Украина. Од Брисел предупредување до Москва дека напад врз една земја- членка ќе значи напад врз сите сојузници. И македонскиот шеф на дипломатијата Османи со порака дека НАТО е обединет во осудата на руската агресија, солидарноста со Украина и решителноста да се брани секоја земја- членка...

НАТО на вонредна координација за можниот одговор на рускиот напад на Украина. Шефовите на дипломатиите на земјите членки ги разгледаа и долгорочните последици од руската агресија. Сојузниците обединети во поддршката на Украина и санкциите насочени против Путин и неговите соработници, но не против рускиот народ.

„Русија ја наруши безбедноста на европскиот континент. Почна воен конфликт во размери што не е виден во Европа од Втората Светска војна. Руската агресија создаде нова нормалност за европската безбедност со нарушување на фундаменталните принципи со употребта на сила. Заканата за поширок конфликт е реална. Стоиме зад луѓето во Украина и демократски избраното раководство и го повикуваме претседателот Путин да ја запре војната, да ги повлече сите сили од Украина и да се вклучи во дипломатски преговори“, изјави генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

Од Брисел предупредување до Москва дека напад врз една земја- членка ќе значи напад врз сите сојузници.

„НАТО е одбранбен сојуз. Ние не бараме конфликт, но ако дојде до конфликт кај нас, ние сме подготвени за тоа и ќе ја браниме секоја педа од територијата на НАТО“, нагласи американскиот државен секретар, Антони Блинкен.

И македонскиот шеф на дипломатијата Османи со порака дека НАТО е обединет во осудата на руската агресија, солидарноста со Украина и решителноста да се брани секоја земја- членка. Порача дека со проширувањето на ЕУ и на НАТО се обезбедува стабилност и безбедност.

„Оваа криза покажа дека проширувањето на ЕУ е безбедносна политика. Затоа ЕУ треба да биде поактивна на Западниот Балкан и да го забрза проширувањето за заедничката безбедност  и да го затвори патот за други влијанија. Проширувањето на НАТО на Западниот Балкан беше едно од најважните одлуки што го стабилизираше регионот и затоа ја поддржуваме политиката на отворени врати“, изјави  бујар министерот за надворешни работи, Бујар Османи.

Кон одлуките на НАТО се приклучија и партнерите, Шведска, Финска и ЕУ.

„Војната на Путин врз Украина е сосема неоправдана. Со многу цивилни жртви од оружје што е забрането со женевската конвенција. Има многу цивилни жртви и сега е моментот да се каже јавно да се застане против ова“, изјави Џозеф Борел, висок претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика.

Од министерскиот состанок во Брисел одлука дека освен веќе преземените санкции, на маса се и други и дека ќе се преземе сѐ за да се спречи руската агресија во Украина.

 

Ирина Гелевска