Поради поволната епидемиолошка состојба со афиканската чума, АХВ ги олабави мерките
За ставање на состојбата со болеста под контрола, од нејзиното појавување досега, АХВ веднаш го активира Националниот центар за контрола на болести, спроведен беше вонреден попис на сите одгледувалишта на свињи и проверка на воспоставената категоризација на фармите во однос на воведените безбедносни мерки, а засилена беше и соработката со Ловечката федерација, здруженијата на одгледувачи на свињи, Ветеринарната комора...

Поради позитивната епидемиолошка состојба со болеста африканска чума кај свињите, Агенцијата за храна и ветеринарство донесе решение со кое олабавуваат мерките за заштита од вирусот.
Се укинуваат заштитната (3 км) и зоната под надзор (10 км) околу двете жаришта во Делчевско, каде, во координација и соработка со локалната самоуправа, Министерството за внатрешни работи, ветеринарните друштва и одгледувачите на свињи, со цел спречување на ширење на вирусот, успешно беа спроведени мерките за ерадикација (убивање и нештетно закопување на свињите во заштитната зона) и депопулација со економско искористување на месото во зоната под надзор и другите мерки за заштита, дефинирани во претходно донесените решенија.
Комерцијалните фарми и некомерцијалните одгледувалишта во високоризичната зона во која влегуваат општините во пограничната линија со Република Бугарија и Република Србија, заклучно со 1 април треба да воспостават високи биосигурносни стандарди, односно доколку истите не се категоризираат како одгледувалишта со низок или среден ризик, кај нив ќе се спроведе мерка за депопулација на трошок на одгледувачите. Со последното решение се засилува пасивниот надзор на одгледувалиштата, во големите свињарски фарми и во ловиштата, на целата територија на земјава – информира Николче Бабовски, директор на АХВ.
Одгледувачите на свињи должни се да ја следат здравствената состојба на свињите и за секоја промена да го информираат официјалниот ветеринар или надлежното ветеринарно друштво, а големите фарми имаат обврска од секоја угината свиња да испратат мостри за лабораториско испитување.
