Лажни вести

Кордалов: Нарушена е довербата, граѓаните не веруваат во институциите

04.03.2022 13:32

Една лажна вест дека ќе нема гориво, предизвика паника, страв кај граѓаните и масовно складирање на гориво. Според комуникологот Бојан Кордалов за оваа состојба не се виновни граѓаните, туку нивната недоверба во институциите кои им ги пласираат информациите. Кордалов вели дека иако потоа дојдоа апелите дека вестите се лажни, сепак граѓаните не им поверуваа на функционерите, бидејќи како што вели веќе е нарушената довербата во нив.

Граѓаните одбираат да веруваат во лажните вести, наместо на информациите кои доаѓаат од релевантните институции бидејќи немаат доверба во нив, смета комуниколог Бојан Кордалов. Според него состојбата со пласирањето на дезинформации со години е алармантна, бидејќи државата, но и политичките партии не направиле многу за да ги сузбијат ваквите информации, но и да ги зајакнат институциите.

Според Кордалов, задоцнети биле апелите од надлежните да ги смират, но и да ги убедат граѓаните дека има доволно количини на нафтени деривати кога веќе бензинските биле преполни со возила.

Лажна вест дека ќе расте цената на горивата, и ќе ја нема во доволни количини, направи паника кај дел од македонските граѓаните. Па така на голем број бензински станици можеа да се забележат редици од возила. Иста беше состојбата и во Србија. Каде поради дезинформации до раните утрински часови, жителите на Белград панично ги полнеле возилата со гориво.

Викторија Милевска