Намалени гужвите на бензинските пумпи
Владата смирува- има задоволителна количина прехранбени производи и нафтени деривати во стоковните резерви. Апел, трговците на мало со нафтени деривати да не ја ограничуваат количината, а потрошувачите да не чекаат во колони на бензинските пумпи и да не прават залихи од гориво поради безбедносни причини. Инспекторите на терен...

По синоќешниот метеж на бензиските пумпи, денеска сликата поинаква. Граѓаните во паника создадоа километарски колони. Со часови се чекаше да се наполнат резервоарите. Оние кои ги анкетиравме велат дека нема потреба од паника.
Државниот пазарен инспекторат е на терен. Стигнале пријави дека на дел од местата каде се точи гориво има забрана да се продава нафтени деривати повеќе од 1000 денари по возило.
Инспекторите остануваат и денеска на терен. Велат дека доколку се утврди на лице место дека на одреден потрошувач не му е дозволено да стави гориво онолку колку што има потреба казните се 5200 евра.
Трендот на поскапување на горивата ќе продолжи и понатаму. Власта уверува дека нафта има и нема простор за паника а бензинските пумпи се должни да наточат онолку гориво колку што ќе им побараат граѓаните
Од владата велат дека има задоволителна количина прехранбени производи и нафтени деривати во стоковните резерви. Граѓаните не треба да се грижат, нафтени деривати во државата има, трговците редовно набавуваат гориво согласно побарувачката, информираа од прес службата. Владата апелира дел од трговците на мало со нафтени деривати да не ја ограничуваат количината, а потрошувачите да не чекаат во колони на бензинските пумпи и да не прават залихи од гориво поради безбедносни причини.
Од бензиските пумпи велат дека набавката на гориво во буриња, канистри, канти и други садови е спротивно на законските регулативи, бидејќи несоодветното складирање и чување на горивата може да предизвика опасни ситуации по животот на луѓето, како и загадување на околината.
Ана Ј. Тодоровска
