Одбрана

НАТО ќе ја засили поддршката за Украина, но нема директно да се вклучи во судирот

04.03.2022 15:56

Вонредна координација на шефовите на дипломатиите од земјите- членки на НАТО. Алијансата ќе ја засили поддршката за Украина, но нема директно да се вклучи во судирот. Од Брисел предупредување до Москва- напад врз една земја- членка ќе значи напад врз сите сојузници...

НАТО ќе ја засили поддршката за Украина, но нема директно да се вклучи во судирот, ова е заклучено на вонредната координација на шефовите на дипломатиите од земјите членки во Брисел. Сојузниците одбиле да воспостават забрана за летање над Украина, но се за воспоставување на хуманитарни коридори. Сојузниците повторно упатија барање Путин да ја запре војната, да ги повлече силите без услови и да се врати на преговорите.

„НАТО сојузниците ќе ја засилат поддршката за Украина за да го помогнат правото на државата за самоодбрана согласно повелбата на ООН. Сојузниците веќе го засилија одвраќањето и одбраната на небо, на копно и на море. За првпат се распоредени НАТО силите за брз одговор околу зоната за забранети прелети. НАТО сојузниците се согласија дека не треба да има НАТО авиони што дејствуваат во воздушниот простор над Украина или нато сили на украинска територија“, изјави генералниот секретар Јенс Столтенберг.

Од Брисел предупредување до Москва- напад врз една земја- членка ќе значи напад врз сите сојузници.

„НАТО е одбранбен сојуз. Ние не бараме конфликт, но ако дојде до конфликт кај нас, ние сме подготвени за тоа и ќе ја браниме секоја педа од територијата на НАТО“, нагласи американскиот државен секретар Ентони Блинкен.

И македонскиот шеф на дипломатијата Османи со порака дека НАТО е обединет во осудата на руската агресија, солидарноста со Украина и решителноста да се брани секоја земја- членка. Порача дека со проширувањето на ЕУ и на НАТО се обезбедува стабилност и безбедност.

„Оваа криза покажа дека проширувањето на ЕУ е безбедносна политика. Затоа ЕУ треба да биде поактивна на Западниот Балкан и да го забрза проширувањето за заедничката безбедност и да го затвори патот за други влијанија. Проширувањето на НАТО на Западниот Балкан беше едно од најважните одлуки што го стабилизираше регионот и затоа ја поддржуваме политиката на отворени врати“, рече шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи.

Кон одлуките на НАТО се приклучи и ЕУ.

„Војната на Путин врз Украина е сосема неоправдана, со многу цивилни жртви од оружје што е забрането со Женевската конвенција. Има многу цивилни жртви и сега е моментот да се каже јавно да се застане против ова“, нагласи Жозеф Борел, висок претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика.

Од министерскиот состанок во Брисел одлука дека освен веќе преземените санкции, не се исклучува да се преземат и поостри мерки, за да се спречи руската агресија во Украина.

Ирина Гелевска