Земјоделство

Снегот и дождот се добредојдени за вегетацијата

07.03.2022 07:55

Ниските дневни и утрински температури заедно со снегот се добредојдени за вегетацијата. Пролетното време и сонцето што не огреа неколку дена беше кратко да ги разбуди растенијата од фазата на презимување. Иако опасноста од мразот и измрзнување сè уште трае засега насадите остануваат во сигурната зона.

Влажниот бран од викендот треба да се прелее и оваа недела, но со пониски утрински и дневни температури со врнежи од дожд кој е добредојден за овој период и ќе ја надополни влагата во почвата која наврна минатата недела. Очекуваниот снег покрај оној на планините веќе се спушти и во делови од котлините.

Вакви временски услови се потребни за вегетацијата во овој дел од годината. Променливо време со врнежи од дожд и од снег, донесе разладување на атмосферата, со пониски дневни температури, кои го успорија пролетното будење на овошките. Исклучок беше Повардарието и јужните делови каде што бадемот, сливата и кајсијата се расцветани или беа на почеток на цветањето.

Според агрометеоролозите, ваквите климатски услови се добри и поради тоа што оние овошки кои не ја почнале вегетацијата сè уште мируваат, и добро е да останат во оваа фаза. Зимата сè уште трае, а условите за негативни утрински температури и појавата на мраз со измрзнување не се поминати и потсетуваат на студените времиња изминатите години.

Доколку, почвените услови дозволуваат, земјоделците треба да продолжат и со подигање на нови овоштарници или лозови насади, како и кроење на овошките и виновата лоза, работа која насекаде не е целосно завршена.

Методија Трајков