Партии

ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ не ја намали невработеноста, туку ја зголеми бројката на иселени

07.03.2022 09:41

Од почетокот на пандемијата имаме значајно намалување на активното население (збир од вработени и невработени лица), но затоа бројот на неактивните лица значајно се зголемува...

СДСМ не ја намали невработеноста, туку ја зголеми бројката на иселени. Од почетокот на пандемијата имаме значајно намалување на активното население (збир од вработени и невработени лица), но затоа бројот на неактивните лица значајно се зголемува. Активното население се намалува за 30.251 лица, при намалување на бројот на вработените за 15.830 и на невработените за 14.421, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Додаваат дека остатокот од вкупното работоспособно население се неактивните лица чиј број е зголеми за 26.878, што покажува дека лицата кои останале без работа и кои биле невработени и пред кризата, сите се префрлаат во неактивни односно не бараат работа. Затоа стапката на активност од 57,4% во првиот квартал на 2020 година се сведе на 55,7% во последниот квартал на 2021 година, додека стапката на невработеност од 16,2% на 15,2%.

Дека се работи за иселување, а не за намалување на невработеноста се гледа и од податок на ЕВРОСТАТ, според кој во 2012-та година биле издадени 9 317 работни дозволи од земјите на ЕУ за македонски државјани, во 2019-та година бројот на издадени дозволи е 26 653 или три пати повеќе луѓе отишле да работат во странство затоа што со СДСМ, со Зоран Заев и Ковачевски тие буквално не гледаат никаква иднина во Македонија, велат од партијата.