Нови мерки за спречување на ценовните шокови
Во маркетите полиците се полнат, има доволни количества прехранбени продукти и резерви на нафта и нафтени деривати, уверува Владата. И покрај ограничувањата на маржите, дел од производите поскапуваат, министерот за економија Бектеши најавува нови мерки за спречување на ценовните шокови...

Празнење рафтови, купување енормни количини, полнење гориво во канти и паничното однесување направија хаос во маркетите и на бензиските пумпи. Министерот за економија Бектеши вели дека состојбата е нормализирана и граѓаните воопшто нема потреба да подлегнуваат на шпекулации.
Министерот за економија Бектеши смета дека во овие услови никој не смее да профитира на грбот на граѓаните. Посочи дека идната недела ќе се донесе сет економски мерки.
Владата информира дека Управата за финансиска полиција, заедно со Државниот пазарен инспекторат и Управата за јавни приходи спроведуваат засилени и сеопфатни контроли за да се спречат евентуални манипулации во снабдувањето со храна и гориво.
Ќе се контролираат магацините и дистрибутивните центри од каде што се преземаат прозводите, за да се надминат сомнежите дека навреме не се надополнуваат рафтовите со прехранбени производи, иако трговците ги имаат на залиха.
