Ги нема жените, го нема напредокот
Не само по повод 8- ми март, туку секоја година невладината организација „Рурална коалиција“ го одбележува март како месец на родова еднаквост со фокус на жените во руралните средини. Годинашното мото е „Ги нема жените, го нема напредокот“. Тоа е и главната порака на Обединетите Нации дека жените од руралните средини произведуваат здравствено безбедна храна за сите нас...

Отсекогаш жените во руралните средини имале клучна улога во развојот на семејството, селото и воопшто во општетствениот развој. За жал и денес таа не го добива целосното признание, но и соодветното вреднување на нејзиниот труд. Од над 170.000 регистрирани земјоделци, 38.240 се жени или 49% од руралното население. Од нив 58% немаат лични примања, а во просек работат и над 11 часа дневно. Само можеме да претпоставиме што се тие работат на нивите, лозјето, овоштарниците, фармите, бавчите, домот.
Животот на село наметнува посебна динамика што жените знаат како да ја организираат. Но, таа динамика беше целосно променета со самата појава на Ковид пандемијата, а жените во руралните средини беа едни од првите кои што ги почувствуваа негативните ефекти. Сепак, производството на храна без оглед на сѐ мора да продолжи, но главното прашање на кое што се бараше одговор е како таа храна да се продаде. И токму тука се роди, а и реализира идејата за првиот женски рурален е-пазар наречен „Наша тезга“, односно првиот пазар кој што го изградија самите жени за продажба на нивните земјоделски производи и преработки. Изградија еден вирутелен простор во кој што освен што ќе може да разгледувате и купувате ќе може да прочитате за нивните животни приказни како и приказни за производство на домашната локална храна, односно приказни за нашата многувековна традиција по која што наделеку сме препознаени.
Ваквиот пазар како и здружувањето го направи и изгради преку меѓусекторска и партнерска соработка, „Рурална Коалиција“, која што е една од организациите кои што се препознатливи по својата работа на терен со земјоделците и земјоделките.
Секојдневието на Љубинка Јаневска почнува во раните утрински часови со работа во шталата, каде што најпрвин треба да се нахранат и измолзат кравите, телињата. За да се добие квалитетно млеко, хигиената е на прво место. Сѐ уште нема соодветни услови за преработка и работи комбинирано, по нарачка за млечните производи и продажба на млекото како суровина. Надеж гледа во продажбата на овие и други производи преку „Наша тезга“.
Даниела Мишевска својот овоштарник со сливи од 6 декари, пред 11 години, го подигнала на земјата добиена од нејзиниот свекор. Од Тетово, каде што работела како моделар во Тетекс, со своето семејство се вратиле на родното огниште на сопругот. Набавиле механизација и работата тргнала. Лани имале добар род и се продале, но годинава поради климатските промени, сливи имале само за себе.
„Решивме проблемот со пласманот да го надминиме со преработка на сливите во домашна ракија, мармалад и сушени сливи. Најпрвин тоа го правевме за себе, но гледаме дека постои интерес. Ние сме тука и уверени сме во успех“, вели Даниела Мишевска.
Традиционалните производи се добро познати и што е најважно за нивната зимница користат свои пиперки, домати, краставички, карфиол и други зеленчуци, кои се одгледуваат на природен начин. Особено се горди со гравот што се одвојува со својот квалитет. Во нивните бавчи има сѐ. И Добрица Ѓурчиноска се приклучи кон овој тим на вредни жени.
„Имаме производи што не можевме да ги продадеме и заедно се договоривме да направиме повеќе зимница. Руска салата, ајвар, цвекло, пиперки, сушени домати, правиме и слатко од тиква, смокви и многу други домашни производи. Годинава е почеток, но за понатаму мислиме да го зголемиме асортиманот“, вели Добрица Ѓурчиноска.
Освен веќе познатите култури сѐ повеќе жените се охрабруваат да произведуваат и помалку присутните, но сѐ повеќе барани природни плодови. Мира Ѓурчиноска пред 7 години го насадила овоштарникот со лешници.
„Побарувачката расте, особено кога го понудивме на платформата. И цената е добра, кршениот се продава по 600 денари. Имаше ризик, но верувам ќе се исплати“, нагласува Мира Ѓурчиноска.
Многуте приказни на жените производители се надополнуваат. Секоја нудејќи го најдоброто. Сигурни се дека домашното си е домашно и е најдобро. Зеленчукот и овошјето не се прскаат, не се користат конзерванси, сѐ е природно. Како за своја душа. Жените сѐ повеќе се охрабруваат, а платформата се проширува.
„Од самиот почеток на Ковид пандемијата и согледувањата на терен, во „Рурална Коалиција“ се вклучи алармот за активно делување и поддршка на жените од руралните средини затоа што дури 84% од над 350 жени кои што беа вклучени во нашето истражување, а и при теренските посети истакнаа дека имаат негативни ефекти од Ковид пандемијата особено во делот на нивните економски приходи, дека имаат зголемен психолошки притисок“, изјави извршната директорка на „Рурална Коалиција“, Лилјана К. Јоноски.
Проблемот со непродадените земјоделски производи и преработки придонесе да е основа првиот виртуелен женски рурален е- пазар. Денес ја имаме „Наша тезга“, нагласува Јоноски.
Од нива до трпеза преку нашата тезга е пораката што оваа мисија ја прави особено благородна. Потрошувачите добиваат квалитетна, природна, како за себе произведена храна, а жените –обезбеден пласман, приходи за себе, но и за своето семејство.
Сузана Трајковска
