Бесими: Интензивно работиме на сет мерки за справување со кризата
Стоковите резерви како што рече министерот се стабилни, има доволно државни резерви и во моментов нема потреба од нивно ставање на располагање.
Стоковите резерви се стабилни, Буџетот е ликвиден, а денеска на Седница на Економскиот совет заедно со надворешни експерти ќе се дискутира за сет мерки на кои веќе се работи, меѓу кои и мерки во делот на цената на електричната енергија, изјави министерот за финансии, Фатмир Бесими во телевизиско интервју.
„Ние имаме најниски цени во регионот, но тоа не значи дека не работиме на можни мерки. Веќе се работи на дизајнирање мерки за справување со кризата како резултат од порастот на цените на прехранбените производи и на енергенсите, особено зајакнати по руско-украинската војна. Утре на Економски совет на Владата, свикан од претседателот на владата, во проширен состав заедно со надворешни експерти кои ќе дадат свој придонес ќе се дискутира за предлози на можни решенија кои ќе следат, за заштита на стандардот на граѓаните и поддршка на стопанството“, рече Бесими.
Додаде дека, варијабилната акциза на горивата предвидена со последните измени на Законот за акцизи во моментов, дава ефект за ублажување на ценовниот шок. Дополнително во делот на енергесите, со последните измени на Законот за царинска тарифа се намали царината на природниот гас на нула, а во Собрание е Закон за измени на Законот за Данокот на додадена вредност со кој во делот на природен гас, ДДВ наместо да се наплатува при увоз, би се наплатувал при промет во земјата.
Стоковите резерви како што рече министерот се стабилни, има доволно државни резерви и во моментов нема потреба од нивно ставање на располагање.
Јавниот долг согласно стратегијата за управување со јавен долг до 2026 е планирано да се намали на 56,5% од БДП. Буџетскиот дефицит до 2026 треба да се намали до 2,2% од БДП. Значајно е што во Собрание е Законот за буџети со којшто се предвидуваат фискални правила за буџетски дефицит до 3 проценти и јавен долг до 60 проценти.
