Андреа гостуваше на националното финале за Евровизија на Романија

07.03.2022 11:47

Во ревијалната програма настапија неколку актуелни евровизиски претставници од други земји. Нашата Андреа која за првпат ја изведе песната „Circles“ во живо и тоа премиерно во нејзината финална верзија...

Романската национална телевизија ТВР викендов го одбра својот евровизиски претставник за Торино. Домаќинот приреди импресивно шоу Selecţia Naţională  со десет финалисти, но и гости од други земји со програма атрактивна за сите евровизиските фанови ширум Европа.

Симпатиите на домашната публика и жири ги освои WRS со песната „Llamame“.

Во ревијалната програма настапија неколку актуелни евровизиски претставници од други земји, како: Intelligent Music Project од Бугарија, Zdob și Zdub & Frații Advahov од Молдавија, Владана од Црна Гора, Ronela Hajati од Албанија, We Are Domi од Чешка, Стефан од Естонија и нашата Андреа која за првпат ја изведе песната „Circles“ во живо и тоа премиерно во нејзината финална верзија.

Поддршка на нашата претставничка во публиката беше и амбасадорот на Р.С. Македонија во Романија и Р. Молдавија, г-дин Габриел Атанасов, со кој Андреа оствари средба за време на нејзиниот престој во Букурешт.

Специјална гостинка беше победничката на Евровизија од 2016-та година, украинката Jamala, која ја изведе победничката песна „1944“, испраќајќи порака за мир и прекин на војната помеѓу Русија и Украина.