Воен конфликт

Москва понуди коридори за евакуација, Киев одби

07.03.2022 12:59

Москва понуди нови коридори за евакуација на цивили, Киев го одби предлогот, го нарече неморален трик поради можноста населението да се евакуира само во Русија и нивниот сојузник Белорусија. Се очекува трета рудна преговори. Украина алармира дека руските сили подготвуваат општ напад врз Киев.

Русија прогласи примирје и најави отворање хуманитарни коридори за извлекување цивили од повеќе украински градови. Маршрутите се од Киев, Харкив, Мариупол и суми, околу кои се одвиваат значајни руски воени операции. Москва не објави колку ќе трае примирјето, но додаде дека коридорите се отвораат на барање на францускиот претседател Макрон, кој телефонски разговарал со рускиот лидер кој го обвинил Киев дека не успеале да ги евакуира цивилите од Мариупол.

„Денес, од 10 часот по московско време, е прогласен „режим на молчење“ и се отвораат шест хуманитарни коридори. Детални информации за хуманитарните коридори беа однапред претставени на украинската страна, како и на специјализираните структури на он и ОБСЕ“, изјави официјалниот портпарол на министерството за одбрана на Русија Игор Конашенков.

Руското министерство за одбрана соопшти дека цивилите ќе може да заминат во Русија и Белорусија и дека примирјето ќе се надгледува со дронови.

Украинската вицепремиерка Верешчук ги нарече „неприфатливи“ предложените руски хуманитарни коридори. Во меѓувреме нема потврда од Украина дека примирјето се одржува.

„Градот шест дена е без струја, без вода, без санитарен систем, греење и телефони. Тешко е да се соберат информации. Слушнавме дека оваа ноќ имало страшно бомбардирање на градот и изутрината имавме гранатирање во Мариупол“, изјави заменик градоначалникот на Мариупол Сергеј Орлов.

Изминатиот викенд имаше два неуспешни обида за примирје и за евакуација на цивилното население од Мариупол и Волноваха, но пропаднаа за кратко време, за што двете страни меѓусебно се обвинуваа.

Обединетите нации соопштија дека најмалку 364 цивили биле убиени во Украина од почетокот на инвазијата на 24 февруари, а 759 биле ранети. 503 од жртвите биле во регионите Доњецк и Луганск, а 374 жртви на територијата контролирана од владата.

Марина Ристова