Свет

Цените на нафтата и гасот уриваат рекорди

07.03.2022 12:59

Светските берзи се во црвено, еврото паѓа. Војната во Украина ќе удри со сериозни последици по светската економија-предупредувањата стигнуваат од меѓународните финансиски институции. Цените на енергијата и на суровините се зголемија, инфлаторните притисоци дополнително се влошуваат. Цените на гасот во Европа достигнуваат нови рекорди …

Цената на гасот достигна историски максимум, додека нафтата е на највисоко ниво во последните 10 години. Во моментов Вашингтон размислува од каде може да се надомести нафтата која ја набавуваат од Русија, особено затоа што четирите земји од кои моментално ОПЕК набавува нафта, Саудиска Арабија, ОАЕ, Кувајт и Ирак нема да можат да го задоволат потребниот капацитет.

„Зборував со претседателот и кабинетот. Имаме активни дискусии со нашите европски партнери за забрана на увоз на руска нафта во нашите земји, а се разбира во исто време одржување на стабилно глобално снабдување со нафта“, изјави Ентони Блинкен-државен секретар на САД.

Од почетокот на 2022-ра година досега цените на нафтата скокнаа за над 60%, што придонесе за зголемување на цените на производите за широка потрошувачка. Експерти од Сингапур, пак, велат дека ако не се намалат рестрикциите за Русија, цените на нафтата ќе достигнат сосема нови рекорди.

„Европската унија мора да се ослободи од зависноста од руската нафта, гас и јаглен. Мораме да станеме подобри во енергетската ефикасност и мораме масовно да инвестираме во обновливи извори, бидејќи ова е стратешка инвестиција во нашата безбедност на снабдувањето, но и во здравјето на нашата планета“, рече Урсула Фон дер Лајен- претседателка на Европската комисија.

Русија е најголемиот извозник на сурова нафта и производи од нафта во светот. Земјата извезува околу 7 милиони барели нафта дневно или 7% од глобалната потрошувачка.

Маријана Димовска