Стабилна состојбата со Ковид-19
Намален е бројот на хоспитализирани пациенти позитивни на ковид 19 во кумановската болница. Надлежните размислуваат и за затворање на модуларната болница. Во моментов се лекуваат само 22 пациенти. Но лекарите и понатаму препорачуваат граѓаните да се придржуваат до мерките за заштита, и штом ќе пројават симптоми, да се изолираат.

Стабилна е состојбата со ковид 19 во кумановската болница. Во модуларната болница хоспитализирани се 15 пациенти, а на инфективниот оддел седум. Бројот на прегледи кој изминатиов период се движеше и до 120 на дневно ниво, е намален на 40-ина пациенти. Надлежните размислуваат и за затворање на модуларната болница.
Лежечките пациенти во модуларната се пациенти коишто имаат повеќе интернистички заболувања, повозрасни пациенти, со мозочни удари, дијабет, кардиоваскуларни коморбидитети така што лекувањето е долготрајно и комплексно. Очекуваме во тек на оваа недела бројот барем да се преполови, а можеби и ќе дојде до затворање на модуларната болница, затоа што дел од нив ќе заминат дома, дел од нив ќе продолжат со своето лекување на некој од останатите оддели во кумановската болница-истакна д-р Снежана Захариева, директорка Општа болница Куманово.
Во последниов бран хоспитализирани биле повозрасни граѓани, со придружни болести. Мал е бројот помлади кои завршиле на болничко лекување. Но, имало и деца позитивни на вирусот.
Од доенчиња на возраст од 3 месеци, имавме и претшколски, деца на школска возраст. Ретко кое разви некоја клиничка слика, заради која беше потребна хоспитализација. Истите беа упатувани во Институтот за белодробно заболување кај децата во Скопје – Козле, а останатите беа овде третирани на контроли и домашно лекување, со поблага клиничка слика-дополни Захариева.
Лекарите и понатаму препорачуваат граѓаните да се придржуваат до мерките за заштита, и веднаш штом ќе пројават симптоми, доколку не сакаат да се тестираат, да се изолираат.
Во Куманово изминативе два месеца позитивни на вирусот биле 2.800 граѓани. Во моментов активни на вирусот се над 130 лица.
Елена Георгиевска
