Собрание

Партиите да предложат членови и заменици членови за Комисијата за избори и именувања

07.03.2022 14:35

Подолго време Комисијата за избори и именувања не може да се состане и да ги извршува функциите за кои е формирана..

На координацијата било договорено Џафери да испрати писма до пратеничките групи, вклучително и до ВМРО-ДПМНЕ за да предложат членови и заменици членови за Комисијата за избори и именувања и да се закаже седница на законодавниот дом најбрзо што е можно, велат од владејачката СДСМ. Власта по разрешувањето на Зендели повторно си го врати мнозинството во тоа работно тело, сега Комисијата треба да се доекипира со двајца членови и еден заменик член. СДСМ треба да предложи претседател на Комисијата откако на локалните избори експретседателот Костадин Костадинов стана градоначалник, како и уште еден член на местото на разрешениот Зендели од Движењето Беса.

ВМРО-ДПМНЕ, пак, треба да предложи заменик член на местото на Кирил Пецаков кој стана градоначалник на Охрид. Координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Мицевски, пак вели дека ќе го разгледаат прашањето дали ќе предложат заменик член во Комисија. Тој посочи дека не присуствувал на редовната координација кај спикерот Џафери, зашто како што додаде, тоа што се договара на овие состаноци не се почитува.

Подолго време Комисијата за избори и именувања не може да се состане и да ги извршува функциите за кои е формирана. Особено тоа дојде до израз кога подолго време е блокиран изборот на четири нови уставни судии, како и на именувања на функционери на други државни институции.

Игор Панов