Дипломатија

МНР ќе одговори на предупредувањето од Руската амбасада

07.03.2022 14:43

Група од десетина македонски државјани и членови на нивните семејства се вратија во земјава преку граничниот премин Деве Баир. Од евидентираните околу 120 државјани, дел се евакуирани во соседните држави, а 38 сѐ уште се наоѓаат во Украина, информираа од МНР. Министерството за надворешни ја оцени последната објава од руската амбасада дека ги евидентира сите рускофоби во државата, како закана на која ќе биде одговорено. МНР покрена иницијатива за поблиски контакти со руските граѓани кои не ја поддржуваат руската инвазија врз Украина.

МНР ќе одговори на предупредувањето од Руската амбасада во Скопје за наводното зголемено ниво на русофобија со напомена дека сите вакви инциденти внимателно се евидентирани. Шефот на дипломатијата Османи вели дека ова е отворена закана од Руската Федерација заради приклучувањето на земјава на заедничката светска осуда на руската инвазија врз Украина.

За да истакне дека санкциите против рускиот државен и воен врв не се наменети против рускиот народ, македонската дипломатија повела иницијатива со Нон-пејпер до сите земји членки на ЕУ и НАТО за воспоставување на контакти на западните со руските универзитети, интелектуалци, лекари, новинари, уметници, спортисти, невладини организации, кои официјална Москва сака да ги изолира од останиот свет.

Руските компании во земјава не се под никакви санкции, велат од МНР, од каде неодамна упатија апел до македонските државјани да не патуваат во Русија, и го одложија упатувањето на новоназначениот амбасадор во Руската Федерација.

Минатата година, МНР протера руски дипломати заради прекршување на Виенската конфенција за дипломатија, по што Москва протера македонски дипломати од амбасадата во Москва. Во 2018-та година, руското МНР упати предупредување дека ако земјава стане членка на НАТО ќе биде оправдана цел за руски напад.

Ирина Гелевска