Цените на електричната енергија дополнително ќе растат
Со воениот конфликт цените на енергенсите за електрична енергија дополнително растат. За оваа и следната недела мегават час електрична енергија на берзите чини над 400 евра. АД ЕСМ преку закупените капацитети ќе ги штити големите потрошувачи, додека потребите на граѓанството и малите потрошувачи веќе два месеци се задоволуваат од домашното производство…
Глобалната енергетска криза добива подлабоки димензии по руско-украинскиот конфликт. Берзанската цена на електричната енергија станува уште поголема ноќна мора. Од АД ЕСМ велат дека оваа и следната недела за увезен мегават час електрична енергија во пиковите ќе се плаќа над 400 евра. Првиот човек на државните електрани, Васко Ковачевски, вели тоа дополнително ќе го зголеми притисокот врз поголемите потрошувачи и оние кои имаат договори да вршат набавка на слободниот пазар. Со преземените чекори очекува на краток рок да се ублажи новиот ценовен шок.
Освен третиот блок на РЕК Битола, сите останати капацитети се во функција. Произведената количина на електрична енергија од домашните капацитети во целост ги задоволува потребите на граѓанството и малите потрошувачи. Зголемена е и динамиката на ископ на јаглен, вели Ковачевски.
Сепак, периодот кој следи е неизвесен од повеќе аспекти. Затоа потребно е максимално да ја штедиме електричната енергија, но и да се подготвуваме бидејќи енергетската криза може да не ја одмини ни следната грејна сезона.
Стевче Митревски
