Онлајн наставата предизвик и за наставниците и за учениците
Македонија и Словенија ги споредија искуствата за образовниот процес во време на пандемија. И за двете земји било предизвик да се спроведе онлајн настава. Притисокот не бил само за наставниците и учениците, туку и за родителите, а остануваат грижите за квалитетот на пренесеното знаење. Во Словенија, децата на училиште повеќе не носат маска.

Онлајн наставата претставуваше товар и за тие што ја изведуваа и за тие што ја следеа. Македонија и Словенија го споредија искуство од спроведувањето на образовните политики во време на пандемија. Надлежните велат дека успешно се справиле со предизвиците, иако процесот бил непознат и наметнат. За разлика од универзитетите во земјава, словенечките биле технолошки поподготвени.
Додека учениците во Словенија следеа настава од дома, во Македонија децата одеа на училиште. Сега сликата е поинаква. Од минатата недела учениците во Словенија не носат ниту маски во училница. Од министерството за образование велат дека зависно од епидемиолошката состојба ќе се менуваат и образовните политики.
Само во оваа академска година, на словенечките универзитети се запишани повеќе од 1400 македонски студенти. Користат бесплатна школарина за додипломски и постдипломски студии. Но поради ковид пандемијата дел од нив не заминале за Словенија, туку студирале онлајн.
Викторија Милевска
