Охрид: За безбедна пловидба потребно е осовременување на пристаништето
За безбедна пловидба е потребна реконструкција и осовременување на охридското пристаниште, но и следење на европската регулатива. Ова меѓу другото, беше речено на денешната средба помеѓу охридските бродари и министерот за транспорт и врски Благој Бочварски. За годинава се обезбедени средства за расчистување на пристаништата, проблем којшто во изминатите години им предизвикуваше проблеми на бродарите …

Иако охридското пристаниште е дадено под ингеренции на општина Охрид, Министерството за транспорт и врски има интерес заеднички да работат на неговата реконструкција бидејќи неговата состојба е далеку од добра. Ова на денешната средба со охридските бродари го рече министерот Благој Бочварски при што посочи дека најпрво треба да се обезбедат средства за таков зафат и во истовреме да се внимава со какви материјали ќе биде обновено бидејќи се работи за регион под заштита на УНЕСКО.
„Во делот на прочистувањето и продлабочувањето на пристаништето, овде секако министерството за транспорт и врски оваа година на мое барање овозможивме да имаме средства за да направиме чекор во насока на поголема безбедност и да ги прочистиме пристаништата и овде и во Свети Наум, така што наскоро ќе распишеме постапка за избор на изведувач“, изјави Благој Бочварски, министер за транспорт и врски.
На средбата се разговарало и за законската регулатива која треба да обезбеди сигурна пловидба.
„Законот за внатрешна пловидба постојано трпи одредени измени онака како што доаѓаат измените и во европската регулатива. Во таа смисла и денес имавме исто еден состанок со претставници на Хрватскиот регистар на бродови којшто според актуелните европски директиви веќе добива можност да изврши технички прегледи и за нашите внатрешни пловни патишта“, рече Горан Устијаноски, капетан на Капетанијата на пристаништата Охрид.
Министерот Бочварски го прифати барањето на бродарите наместо како досега во странство да се полага за професионални заповедници на брод тоа да го прави комисија во Охрид за што ќе биде потребна измена на законот за пловидба.
Сашо Нелоски
