Војна

Москва со услови до Киев

07.03.2022 16:13

Неморален трик-со овој став Киев ја отфрли понудата на Москва за хуманитарните коридори кои водат кон Русија и Белорусија. Руската инвазија продолжи, паралелно и нови преговори…

Русија прогласи примирје и најави отворање хуманитарни коридори за извлекување цивили од повеќе украински градови. Маршрутите се од Киев, Харков, Мариупол и Суми, околу кои се одвиваат значајни руски воени операции. Москва не објави колку ќе трае примирјето, но додаде дека коридорите се отвораат на барање на францускиот претседател Макрон, кој телефонски разговарал со рускиот лидер кој го обвинил Киев дека не успеале да ги евакуира цивилите од Мариупол.

„Денес од 10 часот по московско време, е прогласен „режим на молчење“ и се отвораат шест хуманитарни коридори. Детални информации за хуманитарните коридори беа однапред претставени на украинската страна, како и на специјализираните структури на ОН и ОБСЕ“, изјави Игор Конашенков, официјален портпарол на Министерството за одбрана на Русија.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека цивилите ќе може да заминат во Русија и Белорусија и дека примирјето ќе се надгледува со дронови.

Украинската вицепремиерка Верешчук ги нарече „неприфатливи“ предложените руски хуманитарни коридори. Во меѓувреме нема потврда од Украина дека примирјето се одржува.

„Градот шест дена е без струја, без вода, без санитарен систем, греење и телефони. Тешко е да се соберат информации. Слушнавме дека оваа ноќ имало страшно бомбардирање на градот и изутрината имавме гранатирање во Мариупол“, изјави Сергеј Орлов, заменик градоначалник на Мариупол.

Изминатиот викенд имаше два неуспешни обида за примирје и за евакуација на цивилното население од Мариупол и Волноваха, но пропаднаа за кратко време, за што двете страни меѓусебно се обвинуваа.

Жителите на Киев стражарат во нивните населби.

„Претежно тоа се луѓето кои живеат во близина бидејќи територијалната одбрана вклучува обезбедување на станбена инфраструктура од самите жители“, вели борец за територијална одбрана.

„Има борби во Бучи, Ирпин, Хостомел. Едно нешто што можам да кажам е дека нема да го напуштиме Киев. Ќе се бориме до смрт ако треба. Никој не сака да умре, но, доколку е потребно ќе ги заштитиме нашите деца, нашите семејства“, изјави Виталиј Кличко, градоначалник на Киев.

Обединетите нации соопштија дека најмалку 364 цивили биле убиени во Украина од почетокот на инвазијата на 24-ти февруари, а 759 биле ранети. 503 од жртвите биле во регионите Доњецк и Луганск, а 374 жртви на територијата контролирана од владата.

Марина Ристова