Воен конфликт

Трет круг руско- украински преговори

07.03.2022 16:34

Третата рунда преговори меѓу руско-украинската делегација почна во Белорусија. Светот во исчекување на исходот...

Третата рунда преговори меѓу руско-украинската делегација почна во Белорусија. Светот во исчекување на исходот. Пред почетокот, шефот на руската делегација ги повтори ставовите на Москва.

„Ќе разговараме за истите прашања, три групи прашања: прашањето за внатрешно-политичката резолуција, меѓународните хуманитарни аспекти и прашањата за воено решавање“, изјави Владимир Медински, шеф на руската делегација.

Рускиот портпарол на Кремљ, Песков за западните медиуми изјави дека властите во Украина добро ги знаат условите на Русија, и доколку ги прифатат, војната би можела да заврши во момент.

Во меѓувреме, по два неуспешни обида, Русија објави привремен прекин на огнот и отворање хуманитарни коридори за извлекување на цивилите. Евакуацијата се одвива отежнато. Двете страни со обвинувања.

„Оваа ноќ имаше страшно бомбардирање на градот и изутрината имавме гранатирање во Мариупол“, рече Сергеј Орлов, заменик градоначалник на Мариупол.

„Хуманитарниот коридор е отворен од Доњецката Народна Република, но од другата страна, украинската војска едноставно не ги пушта луѓето да излезат“, вели руски жител на самопрогласената Народна Република Доњецк.

Во истовреме Турција најави дека ќе посредува меѓу двете завојувани страни. Договорена е трилатералната средба на министрите за надворешни работи на Русија, Украина и Турција што ќе се одржи во четврток на меѓународниот дипломатски форум во Анталија. Турскиот шеф на дипломатијата се надева на пресвртница.

„Се ангажиравме во интензивна дипломатија да ги зближиме Русија и Украина. И Лавров и Кулеба го потврдија учеството. Двајцата министри сакаа да учествувам на овој состанок. Затоа, ќе го спроведеме во трилатерален формат во четврток на 10-ти март. Се надеваме дека овој состанок ќе биде пресвртница“, изјави Мевлут Чавушоглу, министер за надворешни работи на Турција.

Првите две рунди преговори се одржаа во Белорусија на 28-ми февруари и 3-ти март. Русија испорача три барања-демилитаризација и воена неутралност, признавање на Крим и независноста на Доњецк и Луганск. Киев, пак, побара итен прекин на огнот и руските сили целосно да се повлечат од украинска територија. Досега од почетокот на руската инвазија загинале најмалку 364 цивили, а над 700 биле ранети.

Бојана Крстевски