Просечната пензија на крајот на годинава ќе биде 17.300 денари
Премиерот Ковачевски, денеска имаше средба со членството на Сојузот на здруженијата на пензионерите, на која се разговараше подетално за вредностите на новата методологија за раст на пензиите...

15.876 денари изнесувала просечната пензија на крај од 2021-ва. Во декември 2022-ра година, проекциите се дека просечната месечна пензија ќе биде околу 17.300 денари. Ова го истакна премиерот Ковачевски по конечниот договор со пензионерите. Вели, на два отворени дијалога, разговарале за методологијата по која ќе се врши покачувањето и тоа ќе почне да се спроведува од септември годинава.
Голема осмомартовска честитка, вака претседателката на Сојузот на здруженијата на пензионери, Станка Трајкова го оцени постигнувањето на договорот со Владата.
Ковачевски истакна дека дополнителна олеснителна околност е тоа што покачувањето на пензиите нема дополнително да го оптерети бизнисот, бидејќи нема да имаат обврска за покачување на придонесите. Сепак, дали пензионерите ќе можат вистински да го почувствуваат покачувањето на месечните пензии по растот на цените?
Покрај новата методологијата за забрзан раст на пензиите, Владата обезбеди и пакет помош за секој пензионер од по 1.000 денари во месеците април, мај и јуни.
Катерина Топалова
