Минимален напредок во досегашните преговори
Последната рунда, третата по ред, се одржа вчера во западна Белорусија. И на неа, како и во претходните две, спротивставените страни не успеаја да постигнат решение за прекин на огнот во кој има многу жртви...

Руско-украинскиот конфликт трае веќе две недели. Досегашните преговори меѓу делегациите резултираа со минимален напредок. Последната рунда, третата по ред, се одржа вчера во западна Белорусија. И на неа, како и во претходните две, спротивставените страни не успеаја да постигнат решение за прекин на огнот во кој има многу жртви. Официјална Москва објави нова понуда за евакуација на цивилите, нагласувајќи дека Украинците може да бираат каде би биле преместени. Меѓутоа, Киев тврди дека противникот не го почитува примирјето и инсистира на директни преговори меѓу претседателите Зеленски и Путин. За 10 март е најавена средба на шефовите на руската и украинската дипломатија во Анадолија.
„Се надеваме дека коридорите конечно ќе профункционираат. Украинската страна ни даде гаранции. Продолжи дискусијата за политичките и воените аспекти, но тешко оди и прерано е да се зборува за нешто позитивно“, изјави советникот на рускиот претседател Владимир Медински.
Пентагон ја обвини Русија дека регрутира и Сиријци за своите операции, но Москва ги негира овие тврдења и предупреди – доколку западните земји воведат забрана за увоз на руски енергенси, светот ќе се соочи со катастрофални последици. Американскиот претседател Џо Бајден, неговиот француски колега Емануел Макрон, германскиот канцелар Олаф Шолц и британскиот премиер Борис Џонсон одржаа видео конференција на која најавија дополнително зголемување на санкциите. Но, во соопштението не се споменува можноста за забрана на увоз на руска нафта и гас.
„Досега нема одлука од претседателот за забрана за увоз на руска нафта. Дискусиите се одвиваат внатрешно и со партнерите во Европа и во светот“, изјави портпаролот на Белата Куќа Џен Псаки.
Според Обединетите нации, руската инвазија ја предизвикала најголемата бегалска криза во Европа по Втората светска војна. 1,7 милиони луѓе ја напуштиле Украина.
Маја С. Филдишев
