Млада кумановка произведува опинци и шубари
Дипломирала царина и шпедиција, но произведува традиционални кожни и крзнени производи. Младата кумановка, Сашка Ивановска го наследи занаетот на татко и ѝ дедо и. Производите ги пласираат на пазарите во земјава, но имале соработки и во Канада и Австралија. За традиционалните опинци и шубари вели најзаинтересирани се туристите. Во земјава опстојуваат околу 100 стари занаети. Занаетчиската комора бара трајно да се субвенционираат.

Триесет и петгодишната Сашка Ивановска од Куманово е една од ретките припаднички на понежниот пол во земјава, која се занимава со рачна изработка на традиционални кожни и крзнени производи. Љубовта кон овој стар занает, го наследила од нејзиниот татко и дедо. Иако дипломирала царина и шпедиција, одлучила да го продолжи семејниот бизнис. Заедно со татко и во работилницата која се наоѓа во семејниот дом, произведуваат опинци, шубари, елеци, дајриња, тапани. Производите ги пласираат на пазарите во земјава, но и на туристичките места, меѓу кои и Охрид. Туристите вели се нашите најголеми потрошувачи.
„Се пронајдов во целиот процес и решив да останам и да помогнам на овој занает, кој веќе е во изумирање да продолжи. Досега имавме успешна соработка со Канада и Австралија, обично за традиционалните производи како опинците“ -вели таа.
Татко и на Сашка, Момчило раскажува дека одбивал и таа да се вклучи во овој стар занает кој изумира. Укажува дека продажбата пред 20-ина години била многу поголема. Имало и поголем интерес кај помладите за изучување на занаетот. Процесот вели не е едноставен, бидејќи се работи со сурова кожа со штавење.
„Секој саем есенски, новогодишен, сме знаеле да продадеме по 100 лисици, капи, додека денес крзното изумира и ретко се посетуваат ваквите работилници“ -истакна тој.
На барање на Занаетчиската комора, Општина Куманово ќе почне со субвенционирање на старите занаети кои се во изумирање. Занаетчиите ќе се ослободат и од плаќање фирмарина. Но, целта на комората e трајно субвенционирање и отворање на сувенирници.
„Ние бараме трајно субвенционирање на овие занаети, со цел да ја држиме Сашка овде во Македонија, да ни ја претстави културата и традицијата и потоа да има и практиканти и други ученици“ -истакна Агрон Фазлиј, претседател на Занаетчиска комора.
На ниво на земјава функционираат околу 100 стари занаети и на нив велат мора да им се помогне за да опстојат.
Елена Георгиевска
