Бегалска криза

УНХЦР: Бројот на бегалци наскоро ќе надмине два милиони

08.03.2022 12:38

Илјадници украински бегалци пристигнуваат во Полска со воз, во обид да се спасат од руската инвазија. Многумина се сретнаа со семејството и пријателите кои живеат во Полска. Процената на Агенцијата за бегалци на ОН е дека во наредните два дена бројот на бегалци ќе достигне два милиона.

Илјадници украински бегалци пристигнуваат во Полска со воз, во обид да се спасат од руската инвазија. Многумина се сретнаа со семејството и пријателите кои живеат во Полска. Ана Јазева, Украинка која живее во Полска, конечно беше обединета со нејзиниот син и мајка во вторникот, откако тие избегаа од Харков, вториот по големина град во Украина.

„Рекоа дека многу се пукало и беа многу исплашени да возат. ги покрија стаклата на автомобилот со црно за да не ги видат патниците“, рече Украинка што живее во Полска Ана Јазева.

„Во Харков не бомбардираа. Стоевме два часа, возевме со покриени прозорци за да нема светлина. Не можевме да ги вклучиме телефоните, ништо, беше многу, многу страшно“, вели Ина Алексеевна бегалка од Украина.

„Беше прилично тешко затоа што патиштата во Украина се многу полни. Многу луѓе се обидуваат да избегаат, затоа што е страшно да се остане дома во моментов“, рече Лина Сафронова бегалка од Украина.

Дел од бегалците продолжија да преминуваат пеш во Полска.

„Што може да се каже? Јас сум генерално во некој ужасен сон кој продолжува. Оставивме сè, моето семејство, пријателите, сè за што живеевме, сè останува зад нас“, рече бегалка од Доњецк.

„Секако дека е тешко да се патува со дете, но ѝ објаснив дека одиме на одмор и дека дефинитивно ќе се вратиме дома еден ден кога ќе заврши војната“, вели бегалка од Киев.

„Од 24 февруари нашите животи се превртени наопаку. Не знаеме кој ден е ниту како да живееме нормално. Од 24 февруари спиеме многу малку. Постојано контактирам со мојот сопруг. Тој остана да ги брани нашите градови“, рече бегалка.

УНХЦР соопшти дека процената на Агенцијата за бегалци на ОН е дека во наредните два дена бројот на бегалци од воените жаришта во Украина ќе достигне два милиона.

Марина Ристова