Свет

САД се подготвува за ембарго на руската нафта

08.03.2022 13:04

Најбогатите светски држави се подготвуваат за воведување на забрана на руска нафта како нова санкција против Русија. Цената на горивото во САД на највисоко ниво во последните 14 години. Стејт департментот преговара за обезбедување нафта од Венецуела, Иран и Саудиска Арабија.

Најбогатите светски држави се подготвуваат за воведување на забрана на руска нафта како нова санкција против Русија. Американскиот претседател Бајден најави дека е можно да забрани купување на руска нафта, но сè уште нема официјална одлука. Во меѓувреме, Стејт департментот преговара за обезбедување нафта од Венецуела, Иран и Саудиска Арабија.

„Пораката на претседателот е дека тој ќе направи сè што може за да го намали влијанието врз американскиот народ. Претседателот веќе презеде чекори со историско ослободување од стратегиската нафтена резерва, што е направено на координиран начин. И јасно е дека ќе продолжиме да разговараме со големите производители и добавувачи на нафта низ светот за тоа како да го ублажиме влијанието“, изјави портпаролот на Белата Куќа Џен Псаки.

Најавата за забрана на руска нафта, ја зголеми цената на горивото во сад на највисоко ниво во последните 14 години. Цените на бензинот скокнаа над 4 долари за галон и се приближија до националниот рекорд.

„Ова е Калифорнија, навикнати сме на високи цени на бензинот, но ова станува смешно, се надеваме дека нема да скокне до 9 или 10 долари.“

„Цените на бензинот апсолутно експлодираа во последната недела, националниот просек порасна за 48,3 центи за галон од пред една недела.“

„Ќе ги видиме тие цени на бензинот во пораст, особено и неодамна поради конфликтот во Русија и Украина. Ќе видиме, знаете, построга понуда на нафта низ светот и тоа влијае на нас точно тука.“

Јапонија се координира со државите од Г7 на предлогот за забрана на руска нафта. Јапонскиот министер за трговија соопшти дека работат на обезбедување на замена за руската нафта за јапонските компании.

„Додека меѓународната заедница ги зајакнува санкциите против Москва, во најдобар интерес на Јапонија е да соработува со земјите од Г7 за да се обезбеди стабилно и безбедно снабдување со енергија“, изјави јапонскиот министер за трговија Коичи Хагиуда.

САД веќе се во постојан контакт со Европската Унија и сојузниците околу забраната на увозот на руска нафта. Но пред официјалната санкција, се работи на обезбедување на доволно количество нафта во светот.

Ирина Гелевска