Прогласен е прекин на огнот, во тек нов обид за евакуација
Нов обид за безбедна евакуација на украинското население по последната рунда преговори меѓу делегациите од Москва и Киев. Од утрово се отворени нови хуманитарни коридори од неколку града на Украина. Првиот конвој со жители и странски студенти веќе го напушти Суми. Киев бара помош од сојузниците. Москва тврди-примирјето се почитува.

По третата рунда преговори меѓу Русија и Украина во Белорусија, прогласен е нов прекин на огнот. Двете страни успеаја да договорат воспоставување на хуманитарен коридор од неколку градови кои беа под опсада и оган во последниве две недели откако почна конфликтот меѓу двете поранешни Советски републики. Меѓу нив е и Суми кој беше бомбардиран во текот на ноќта при што загинаа деветмина цивили, вклучувајќи и деца.
„За безбедна евакуација на луѓето од населбите, прогласуваме прекин на огнот од 10 часот по московско време и отворање на хуманитарни коридори од Киев, Чернигов, Суми, Харков и Мариупол“, рече портпаролот на руското министерство за одбрана Игор Конашенков.
„Се надеваме дека коридорите конечно ќе профункционираат. Украинската страна ни даде гаранции. Продолжи дискусијата за политичките и воените аспекти, но тешко оди и прерано е да се зборува за нешто позитивно“, изјави Владимир Медински советник на Владимир Путин.
Руската офанзива продолжува и денеска, но со забавено темпо. Официјална Москва тврди дека се почитуваат и примирјето и коридорите кои водат и кон Русија и кон Западот. Украина и натаму го обвинува противникот за спроведување на, како што вели, „средновековна тактика за опсада“. Пентагон, пак, тврди дека руската војска добива помош и од регрутирани Сиријци. Москва ги отфрла ваквите тврдења.
„Нема дополнително мобилизирање на резервисти. Во задачите учествуваат само професионалните војници. Сигурен сум дека тие ќе му дадат мир и безбедност на рускиот народ“, изјави Владимир Путин.
Во интервју за „Еј-Би-Си Њуз“, украинскиот претседател Володимир Зеленски порача – подготвени сме да разговараме и да бараме компромиси, но не и да капитулираме. Тој побара поддршка од земјите-сојузнички.
„Прашањето е колку ќе издржиме? Многу работи не зависат само од нас. Ние ќе истраеме. Дури и да дојдат во сите наши градови, ќе има бунт и никој нема да ја предаде нашата независност. Војната сега е овде. Утре ќе биде во Литванија, Полска, Германија. Ситуацијата е сериозна. САД се далеку, но во последните денови чувствувам како да се поблиску до нас“, изјави Володимир Зеленски.
САД и многу други западни земји испратија оружје во Украина, но ветија дека нема да праќаат трупи.
Маја С. Филдишев
