Горива

Загриженост по покачувањето на цените

08.03.2022 15:17

Едни ќе бараат алтернативи за превоз, другите кои зависат од транспортот очекуваат помош-растот на цените на горивата внесе загриженост. Регулаторна го промени правилникот за да може секојдневно да прави корекции…

Покачувањето на цената на нафтените деривати го вклучи алармот кај граѓаните, како да се изменаџираат ценовните шокови. Тасе Куновски, вели утрово со колегите ги разгледувале опциите како полесно да се помине економската криза. Ќе купуваат велосипеди, тротинети.

„Десет литри сега 900 денари чини, а чинеа 700. Може да се заштеди со помирно возење, во часови кога нема метеж, или ако мора постепено, полека со помали брзини да се вози. Ова е сериозен удар“, вели Куновски.

Таксистите се загрижени, сè уште не станало збор за корекција на цената на услугите. И превозниците вознемирени од новите цени на нафтените деривати. Велат, нема да можат да ги покријат трошоците.

„Пораснаа цените, но и другите работи се скапи, маслата, филтрите“, вели еден таксист.

„Со ова како ќе опстанеме не знаеме, ни за леб ни за сол“, додава друг.

Реакциите доаѓаат по понеделничкото зголемување на цената на бензините се зголемија за 5,5 денари за литар, додека пак на дизелот цената е зголемена за 10 денари.

„Владата треба да преземе мерки со кои ќе се намалат цените за превозниците, затоа што ние сме држава која е увозно ориентирана и најголем дел од репроматеријалите и готовите производи ги увезуваме. Секој еден производ кој доаѓа на нашата територија ќе има покачена цена“, вели Билјана Муратовска од Макамтранс.

Во моментов на бензиските има нафтени деривати со повисока цена. Регулаторната комисија за енергетика најави дека ќе носат одлуки на дневно ниво, доколку има потреба.

Наташа Јанчиќ Менковски