Инвеститорите претпазливи, воениот конфликт е најнепредвидлив фактор
Воениот конфликт е најнепредвидлив фактор, инвеститорите се претпазливи. Во надолна линија е тргувањето на берзите и регионално и локално. Се одвива во комплексни и сензитивни околности-вели првиот човек на Македонската берза, Иван Штериев.

Конфликтот во Украина ги затекна инвеститорите. Во надолна линија е тргувањето на берзите, и регионално и локално. Се одвива во комплексни и сензитивни околности, вели првиот човек на македонската берза, Штериев. Инвеститорите се попретпазливи, но во вакви услови има можност за добри зделки. Кај нас цените на дневно ниво не може да флуктираат повеќе од плус-минус 10 проценти, кај поголемите берзи такви ограничувања нема.
„Германскиот индекс ДАКС е речиси во минус 20 проценти, Дау Џонс е исто така со двоцифрен пад, во регионот нашата берза е со минус пет проценти, но повторно други берзи во регионот, како Бугарија, Хрватска, Словенија, се со минус шест, минус седум, минус 11. Значи сите берзи реагираа. Зошто-ако имате најнепредвидлив фактор, тоа е токму воениот конфликт“, вели Штериев.
Берзанското ѕвоно во Македонската берза заѕвони за родова еднаквост. Со новиот кодекс за корпоративно управување, котираните компании ќе треба да имаат 30 проценти жени на надзорниот и управниот одбор до 2025-та.
„Долг период и јас лично сум била против квотите бидејќи верував дека тие хранат еден друг стереотип-дека успехот на жените е само поради позитивната дискриминација на квотите. Но искуството ми покажа дека таму каде што нема квоти, нема ни жени“, изјави Нора Алити, претседателка на Комисијата за хартии од вредност.
„Кога жените имаат напредок, земјата има напредок. Чекорите што ги преземаме кон родовата еднаквост ги прават подобри нашите општества, фер и подготвени да одговорат на сите предизвици со кои се соочуваме. Нам ни се потребни талентите на жените, искуството и лидерството“, рече американската амбасадорка во земјава, Кејт Мари Брнз.
23,6 проценти изнесува бројот на жени во органите на управување на сите 92 котирани компании. Само 19,6 проценти се директорки. Онаму каде главниот човек е жена, дури во 72 проценти компаниите работат профитабилно.
Сунчица Николоска
