САД: Целосна забрана на увоз на енергенси од Русија
САД го направија првиот чекор кон целосна забрана на увоз на енергенси од Русија. „Нема да ја субвенционираме војната на Путин“, соопшти американскиот претседател Бајден објаснувајќи дека одлуката ќе биде тежок удар за способноста на Кремљ да ја финансира инвазијата. Рече дека одбраната на слободата ќе чини и оти Американците ќе мораат да плаќаат повисоки цени за горивото…

Целосна забрана за рускиот гас, нафта и јаглен – објави американскиот претседател Џо Бајден, како одговор на руската агресија во Украина. Доби силна поддршка и од Конгресот. На забраните се приклучи и Обединетото Кралство кое најави постепено намалување на нафтата и нафтените деривати до крајот на годинава. Америка директно не учествува во војната, но целосно ги поддржува Украинците, рече Бајден.
„Ова е обединет одговор на агресијата на Путин за кој сите сојузници од НАТО и од ЕУ се целосно обединети. Остануваме заедно во притисокот против Путин и неговата воена машинерија. Ова ќе нè чини и нас, но одбраната на слободата има своја цена“, изјави американскиот претседател, Џо Бајден.
Одлуката на американскиот претседател е донесена во консултација со европските сојузници кои се многу позависни од руските енергенски. Бајден тврди – има план за надминување на условеноста на стариот континент. И Брисел постепено ќе ја намалува употребата на рускиот гас и нафта. Најавија целосна независност на енергетскиот пазар и замена со обновливи извори на енергија.
„Јасно е дека Европа е премногу зависна од руските енергенси, но не е слободен пазар ако постои актер подготвен да манипулира. Одговорот за нашата безбедност лежи во обновливата енергија и диверзификацијата во снабдувањето. Обновливите извори ни даваат слобода да избереме извор на енергија кој е чист, евтин, сигурен и наш“, изјави потпретседателот на Европската комисија, Франс Тимерманс.
Венецуелскиот претседател Мадуро, пак, соопшти оти имал средба со американски претставници. Првиот разговор на високо ниво го нарече срдечен и многу дипломатски. Додаде дека неговата земја има иницијатива за стабилизирање на нафтениот пазар.
„Имавме разговори со нашите партнери во ОПЕК. Како што знаете, нашата земја секогаш ќе има иницијативи за стабилизирање на пазарот на нафта, гас и на енергетскиот пазар. Ние сме подготвени“, изјави претседателот на Венецуела, Николас Мадуро.
Цената на нафтата и нафтените деривати на светските берзи рушат рекорди. Цената на галон бензин од минатата недела досега порасна за повеќе од половина долар и достигна рекордни 4,17 долари.
Маја Стојанова
