Средба во Турција, надеж за окончување на војната
Москва најави нов прекин на огнот за евакуирање на цивилното население до Украина. Хуманитарни коридори повторно ќе бидат спроведени во Киев, Черниев, Суми, Харков и Мариупол. Зрак надеж за окончување на војната е најавената средба во Турција на рускиот и украинскиот министер за надворешни Лавров и Кулеба. Треба да се одржи утре во Анталија, информираа од руското МНР.

Сирени изутрината одекнаа низ празните улици на Киев. Повторно се слушаат експлозии во градот и околината. Серија детонации и во текот на ноќта. Пријавени се цивилни жртви во градот Суми. Втора недела борбите не престануваат. Претседателот Зеленски побара да се седне на преговарачка маса.
„Војната мора да заврши. Треба да седнеме на преговарачка маса – да разговараме чесно, суштински, во интерес на народот, а не со застарени убиствени амбиции“, изјави претседателот на Украина Володими Зеленски.
Новите сателитски снимки сугерираат дека русите продолжуваат да вршат притисок по бавниот напредок кон Киев. Забележан е руски конвој во близина на аеродромот Антонов, се гледаат и урнатините од погодениот мост во Ирпин-градот од кој стотици луѓе се обидуваа да побегнат и покрај тоа што немаше официјален безбеден коридор. Бегалците сведочат за цивилни жртви.
„Двајца цивили, една жена, едно дете и еден војник беа закопани во паркот, каде пред само две недели децата си играа“, вели бегалец од Ирпин.
Повеќекратните обиди да се воспостави хуманитарен коридор во Мариупол и натаму без успех. Полицијата замолува жителите да останат во градот.
„Сè е минирано, излезите од градот се гранатирани. Во моментов преговорите за безбедно заминување се неуспешни, верувајте ми имам семејство дома и загрижен сум и за нив. За жал, најбезбедно е да останеме внатре во градот, под земја и во засолништата“, рече полициски службеник на Мариупол.
Очајот расте. Веќе неколку дена жителите се без вода, струја, греење и телефони.
„Немаме струја, немаме што да јадеме, немаме лекови, немаме ништо“, вели Људмила Амелкина жителка на Мариупол.
Кражбата стана широко распространета. Освен храна и облека, се крадат и непотребни предмети.
Русија за денеска најави нов прекин на огнот за отворање хуманитарни коридори и безбедно извлекување на цивилите од пет града. Се очекува ова да се случи околу 10 часот по московско време. Во меѓувреме рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров замина во Турција за утрешниот трилатерален состанок со својот украински колега Дмитриј Кулеба и шефот на турската дипломатија Мевлут Чавушоглу кој претходно изјави дека оваа средба може да биде пресвртна точка во односите на двете завојувани страни.
Бојана Крстевски
