Финансиската и стабилноста на курсот на денарот успешно се одржуваат
Сите финансиски услуги непречено се обезбедуваат и ќе продолжат да се обезбедуваат во согласност со потребите на граѓаните и на корпоративниот сектор...

Гарантирана е стабилноста на курсот на денарот, соопштуваат од Народна банка. Финансискиот систем, исто така е стабилен и е подготвен да одговори на предизвиците што би можеле да произлезат од руско-украинскиот конфликт.
Сите финансиски услуги непречено се обезбедуваат и ќе продолжат да се обезбедуваат во согласност со потребите на граѓаните и на корпоративниот сектор. Надлежните регулатори координирано ги следат состојбите и се подготвени брзо да делуваат, да ги прилагодуваат политиките во согласност со случувањата и да ја одржат финансиската стабилност која е приоритет.
Ова се дел од констатациите од денешната седница на комитетот за финансиска стабилност, на којашто се разгледаа најновите движења во финансискиот сектор во контекст на актуелните геополитички случувања, поврзани со воениот конфликт во Украина. Гувернерката Ангеловска-Бежоска посочи дека девизните резерви се на високо ниво, што ја гарантира стабилноста на денарот, додека домашниот банкарски сектор е сигурен, ликвиден и соодветно капитализиран, подготвен за справување со евентуалните шокови.
