Свет

Москва најавува одговор на санкциите на западот

09.03.2022 13:18

Откако САД забранија целосен увоз на рускиот гас, нафта и јаглен, Москва најавува одговор на санкциите на западот. Путин нареди, во наредните 48 часа, владата да направи список, со забрана на извоз и увоз на производи и суровини од Русија. Германија се изјасни против забраната, но Европската Унија најавува постепено намалување на зависноста од руските енергенси кои планира да ги замени со целосно обновливи извори на енергија. Цената на нафтата на светските берзи и натаму расте.

Поради големите тензии со Русија, ЕУ сака што побрзо да стане независна од руските енергенси. Комисијата претстави план со мерки за намалување на увозот на руски гас за две третини во рок од една година, како и елиминирање на потребата од руска нафта пред 2030 година.

„Во последните шест недели покажавме дека можеме да ја постигнеме оваа независност многу побрзо. Прво, имаме побарувања од други добавувачи на гас ширум светот. Второ и многу важно е да се создаде заедничко складирање. Трето, сеопфатни инвестиции во обновливите извори на енергија кои воедно создаваат работни места дома и притоа ја обезбедуваат независноста што ја планираме“, изјави претседателката на Европската комисија Урсула Фон дер Лајен.

Брисел реши да ги прошири санкциите кон Русија и Белорусија, со додавање имиња на руски олигарси на црната листа на санкции со зајакнување на контролата на трансферите на криптовалути. По одлуката на САД да воведат ембарго на руската нафта и гас, Брисел и Лондон со слични решенија за постепено ослободување од зависноста до крајот на годинава. Германија се изјасни против забраната.

„Треба да го преземеме првиот чекор. велика Британија е помалку изложена на зависност од руски енергенси, но јасно е дека имаме дизел што доаѓа од Русија“, рече премиерот на Обединетото Кралство Борис Џонсон.

И Вашингтон размислува од каде може да се надомести нафтата која ја набавуваат од Русија, особено затоа што четирите земји од кои моментално ОПЕК набавува нафта, Саудиска Арабија, Емиратите, Кувајт и Ирак нема да можат да ги намират потребите.

„Руската продажба на фосилни горива има огромно влијание врз глобалните пазари на нафта, од политички и од безбедносен, но и од енергетски аспект. Апсолутно е важно што Бајден би добил поддршка за ова од Велика Британија, но добивањето поддршка од која било европска држава во овој момент е извонредно“, изјави Ден Дикер основачот на Енерџи Ворлд.

Венецуелскиот претседател Мадуро, соопшти дека веќе имал средба со американски претставници. Неговата земја има иницијатива за стабилизирање на пазарот. Саудиска Арабија ја потврди посветеноста на Русија и на договорот со земјите на ОПЕК.

Маријана Димовска