Е. Пелистер го декласира АЕК за второ место во својата група
Е. Пелистер го декласира АЕК со 30-19, благодарение на едно френетично второ полувреме, во кое македонскиот вицепрвак постигна 20, а прими 11 гола. Клучна улога во него имаше голманот Мартон Секељ, кој запиша вкупно 15 интервенции, комплетирајќи ја добрата одбрана на домаќините.

Еурофарм Пелистер не ја пропушти шансата во голем стил да ја заврши групната фаза од Европската лига и со убедлива победа над АЕК да го потврди второто место во групата Д. Тоа значи дека во осминафиналето ќе вкрсти со хрватскиот вицешампион, Нексе.
Е. Пелистер го декласира АЕК со 30-19, благодарение на едно френетично второ полувреме, во кое македонскиот вицепрвак постигна 20, а прими 11 гола. Клучна улога во него имаше голманот Мартон Секељ, кој запиша вкупно 15 интервенции, комплетирајќи ја добрата одбрана на домаќините. Во нападот, во отсуство на Јосип Периќ, диктираше Кубанецот рение Табоада, кој постигна шест гола, толку имаше и Јосип Божиќ Павлетиќ, а со бомбардерски придонес се истакна и Стипе Мандалиниќ, како најефикасен со седум.
Грците, колку и да располагаат со талентирана и потенцијална екипа, сепак покажаа дека не се дораснати за големи натпревари, паѓајќи во големи периоди во текот на натпреварот. Прво во првото полувреме имаа пост од цели десет минути, во кои Е. Пелистер првпат се одлепи на плус три (7-4). Во тие минути и Грците играа добра одбрана, на чело со расположениот голман Петрос Буковинас, кој потоа го заврши мечот со 14 интервенции. На паузата важеше 10-8 за Пелистер, а во второто полувреме настапи уште една „црна дупка“ за Грците.
Не можеа да го најдат голот од 33. до 42. минута, а Пелистер во меѓувреме ја демонстрира целата своја сила, најпрво со серија од 5-0, а потоа и до максимални 11 разлика. Со оваа победа македонскиот вицешампион е втор во групата Д, со 12 бода, колку што има и Ним (пред да го одигра последниот меч кај Спортинг) и јасно е дека во осминафиналето ќе игра со третиот од групата Ц - Нексе. Првата средба се игра во Хрватска на 29 март, а реваншот во Битола е на 5 април.
