Конфедерацијата на синдикални организации побараа поголеми плати усогласени скалесто со минималната плата
Веќе закажале штрајк пред владата на 19 март, откако ниту еден од ресорните министри не ги повикал на преговори..

Независните синдикати на полицијата и на образованието, во рамките на Конфедерацијата на синдикални организации побараа поголеми плати усогласени скалесто со минималната плата од 18 илјади денари. Велат-веќе закажале штрајк пред владата на 19 март, откако ниту еден од ресорните министри не ги повикал на преговори.
„Барањата на вработените за поголеми плати во полицијата ги опфаќа покрај униформираниот дел од МВР и затворската, шумската и судската полиција. Досега од МВР немаа разбирање и за зголемување на платите од пет проценти кои порано ни беа ветени за оваа година“, изјави претседателот на Независниот синдикат на полицијата Гоце Делчев Тодев.
„Вработените во образование веќе 10 години работат со плати кои во некои сектори се помали и од минималните плати. Сметаме дека платите за над 20 илјади вработени во образованието треба да се усогласат со коефициентот на сложеност на работните места помножен со износот на минималната плата“, рече претседателот на Независниот синдикат на Образованието Тихомир Гиевски.
„Конфедерацијата на синдикални организации апелира до надлежните институции да почнат социјален дијалог со синдикатите за да им се исплатат зголемени плати во јавниот сектор“, изјави претседателот на Конфедерацијата на синдикални организации Марјан Ристески.
Во Синдикатите велат на вработените им е нарушен животниот стандард од постојано зголемување на цените на храната и енергенсите во време на галопирачката економско-енергетска криза.
Игор Панов
