Баерн и Ливерпул први четвртфиналисти, се чека на Сити и Реал или ПСЖ
Натпреварот што почнува во 21 ќе го гледаме во рамките на емисијата посветена на Лигата на шампионите што ќе почне во 20 часот и 15 минути...
Ремито на домашен терен 1-1 можеби им даваше надеж на фудбалерите на Лајпциг дека ќе можат и во Минхен да одиграат добар натпревар против екипата на БАерн, но по само 23 минути со трите гола на Левандовски од кои првите два од пенал за најбрз хет трик во историјата на лигата на шампионите , баварците демонстрираа моќ потврдена со уште 4 гола до крајот.
Гнабри погоди за 4-0 на полувреме за до крајот Милер со 2 и Сане со еден гол да му донесат убедлив триумф на Баерн и почесен погодок на Кјергард за конечни 7-1. Многу понеизвесно беше на дуелот меѓу Ливерпул и Интер во кој црвените влегоа со убава предност по натпреварот во Италија од 2-0.
По рововската битка во првото полувреме, почетокот на второто ги донесе големите возбудувања. Промашената стонастотна шанса на Салах го најави водството на гостите со убавиот гол на Лутаро Мартинез.
И кога се чинеше дека Интер ќе тргне по израмнување на резултатот од првиот натпревар и евентуално по комплетен пресврт Алексис Санчез по добиениот црвен картон му овозможи на Ливерпул да ја врати надмоќта но не и да го израмни резултатот што значеше домашен пораз по една година, но сепак пласман во четвртфиналето.
Вечерва ќе добиеме уште два четвртфиналисти. Едниот е веќе сигурен, екипата на Манчестер Сити која со 5-0 по првата средба го пречекува составот на Спортинг, додека се е отворено во дуелот на гигантите Реал и Пари сен Жермен во кој французите со скромни 1-0 по првата средба гостуваат на Сантијаго Бернабеу.
Реал мора да победи без Каземиро кој е под суспензија поради жолти картони и со неизвесни поради повреда Крос и Валверде, додека на парижани им одговара и реми на патот кон освојување на трофејот што им недостасува и тоа на финалето што ќе се игра во Париз.
Натпреварот што почнува во 21 ќе го гледаме во рамките на емисијата посветена на Лигата на шампионите што ќе почне во 20 часот и 15 минути.
