Славески: Мерките се задоцнети, потребен е итен ребаланс
Од ВМРО-ДПМНЕ остануваат на предлогот за намалување на акцизата кај нафтените деривати за 50 насто, со што цената на бензинот би се намалила за 13, а на дизелот за девет денари.

Премиерот Ковачевски предложи комплициран модел за намалување на акцизата кој не само што не го разбра јавноста, туку и не гарантира дека ќе придонесе за намалување на цената на горивата, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата остануваат на предлогот за намалување на акцизата кај нафтените деривати за 50 насто, со што цената на бензинот би се намалила за 13, а на дизелот за девет денари.
Членот на Извршниот комитет, Славески потенцира дека намалувањето на ДДВ за струјата, парното и некои животни намирници доаѓа предоцна. ВМРО-ДПМНЕ предлага неодложно зголемување на платите во јавната и државната администрација, во образованието, здравството, полицијата, армијата, државната управа на централно и локално ниво, како и јавните претпријатија, преку примена на колективните договори за наградување на трудот според степенот на сложеност. Неминовен е и ребаланс на државнта каса.
„Потребен е итен ребаланс на државниот буџет. Со кратење на непродуктивни трошења може да се обезбедат средства за зголемување на платите и пензиите во насока на подобрување на животниот стандард на граѓаните. Паралелно со ова, треба да се зголемат средствата за блок дотации и други трансфери кон единиците на локалната самоуправа за и тие да можат да ги зголемат платите на своите вработени и да ги покријат енормно зголемените трошоци за електрична енергија. Ако владата веднаш не преземе мерки за зголемување на средствата за извршување на со закон пренесените надлежности на локално ниво, граѓаните набрзо ќе ја почувствуваат кризата врз сопствената кожа“, нагласи Славески.
Според ВМРО- ДПМНЕ, ДУИ и СДСМ и натаму покажуваат целосна отсутност од реалноста, што ја однесе Македонија во толку длабока криза. Од партијата остануваат на барањето за предвремени парламентарни избори за излез од кризата.
Миле Ристески
