Ублажување на последиците

Пакет 26 антикризни мерки тежок 400 милиони евра

09.03.2022 17:19

Владата излезе со пакет од 26 антикризни мерки за спасување на стандардот и на стопанството. Се укинува Данокот на додадена вредност на основните прехранбени продукти, се замрзнуваат маржите, се намалува акцизата за горивата и ДДВ од 18 на 10 насто. Денарот е стабилен, уверуваат во Владата...

Нула проценти ДДВ за лебот, шеќерот, маслото, млекото, свежото месо и јајцата. Се замрзнуваат маржите за основните прехранбени производи и давачките за увоз. Во владиниот пакет 26 мерки за ублажување на ефектите од економската криза, тежок 400 милиони евра, три месеци ќе има и ваучери од 1.000 денари за ранливите категории граѓани и за пензионерите за купување основни продукти.

За 10,5 денари ќе поевтини дизелот, за 11,5 бензинот. Владата предложи од 18 на 10 проценти да се скастри данокот на додадена вредност кај горивата, да се намали и акцизата врз основа на берзанските цени. Ќе се одложи и примената на еколошката такса. Но, овие ценовни олеснувања ќе чекаат да го минат собранискиот филтер.

Со сет мерки поддршка ќе има и за стопанството во форма на кредитни линии и субвенции. Буџетот е во полна кондиција и ликвиден, нема стравувања и за стабилноста на денарот, државните резерви се на највисоко ниво, уверува Владата, но отвора терен за нова обврзница.

Владата потврди дека забраната за увоз на пченица и пченка од Србија нема да важи за земјава, мелничарите ќе може да ги обезбедат договорните количини.

Ова ќе биде тешка година, со добри мерки ќе ја премостиме-уверува Владата. Ги повика граѓаните и стопанството да штедат електрична енергија и енергенси, а институциите да предложат мерки за рационализација на трошоците.

Сузана Фиданска – Стоевска