Воен конфликт

Еднодневно примирје за да се евакуира населението од Мариупол и Ирпин

09.03.2022 15:41

Кремљ прогласи еднодневно примирје за да се евакуира населението во украинските градови Мариупол и Ирпин. Првиот е блиску до Киев, вториот претставува копнена врска на Донбас со Крим. Полска побара миговите да летаат од Германија, Вашингтон одби. Ги испраќа потпретседателката Харис и ракетите Патриот …

Објавен е нов прекин на огнот и отворање хуманитарни коридори за безбедно извлекување на цивилите од градовите под оган. Украинската вицепремиерка Верешчук ја повика Русија да ги исполни своите ветувања.

„Имаме негативно искуство кога не сте ги исполниле вашите обврски, тоа се однесува на Мариупол – Запорожје и Волноваха – Покровск. Жителите ни се обраќаат и молат да се исполнат ветувањата денес за да ги напуштат местата“, изјави Ирина Верешчук, вицепремиер на Украина.

Примирјето треба да трае до 21 часот по локално време. Отворени се шест коридори, вклучително и од опколениот јужен пристаништен град, Мариупол. Таму, ситуацијата и повеќе од лоша. Луѓето во очај молат за помош. Веќе неколку дена се без вода, струја, греење и телефони.

„Немаме струја, немаме што да јадеме, немаме лекови, немаме ништо“, вели Људмила Амелкина, жителка на Мариупол.

Кражбата стана широко распространета. Освен храна и облека, се крадат и непотребни предмети.

Повеќекратните обиди за хуманитарен коридор во Мариупол беа безуспешни. Обиди за излез, забележани се и од градот Ирпин, и покрај тоа што нема официјален безбеден коридор. Бегалците сведочат за цивилни жртви.

„Двајца цивили, една жена, едно дете и еден војник беа закопани во паркот, каде пред само две недели децата си играа“, изјави бегалец од Ирпин.

Се бројат цивилните жртви и од синоќешните серија гранатирања. Во суми загинале 22 лица, меѓу нив и три деца. Серија детонации се слушаа и во зорите кога се огласија сирените во Киев.

Втора недела од руската инвазија. Претседателот Зеленски упати апел руските војници да ја напуштат земјата. Побара забрана за летови над Украина. Порача дека странските украински партнери ќе бидат одговорни за хуманитарната катастрофа доколку НАТО не воведе зона на забранети летови.

„Руски војници! Сè уште имате шанса да се спасите ако ја напуштите земјава. Заминете од нашиот дом и вратете се во вашиот. Нашиот отпор ви покажа дека нема да се предадеме. Благодарни сме на Полска за нејзината подготвеност да и обезбеди на Украина борбени авиони. Проблемот е во логистикатаНемаме време за договори. Ве молиме уште еднаш-донесете одлука за тоа што е можно поскоро“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Министерството за одбрана на Русија, обвинува дека властите во Киев подготвувале офанзивна операција во Донбас за март годинава.

„Добро се сеќаваме на изјавите на властите во Киев за наводно отсуство на какви било планови за вооружено заземање на Луганск и Доњецк, и за нивната желба да ги реши сите прашања на „политички и дипломатски начин“. Меѓутоа, оригиналите на тајните воени документи на украинската национална гарда јасно ја докажуваат невистинитоста на овие изјави“, рече Игор Конашенков, портпарол на Министерството за одбрана на Русија.

Дали утрешниот трилатерален состанок во Анталија може да биде пресвртна точка, како што изјави турскиот шеф на дипломатијата Чавушоглу, останува непознаница. Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров веќе замина во Турција на средба со својот украински колега, Дмитриј Кулеба.

Бојана Крстевски