Собранието утре ќе продолжи со работа по 50-та седница
Пратениците ќе ја продолжат расправата по Предлогот на завршна сметка на Буџетот на Република Северна Македонија за 2020 година...

Пратениците попладнево ја завршија расправата по предлог-законот за дополнување на Законот за превоз во патниот сообраќај, по скратена постапка, за кој ќе се гласа дополнително. Ја почнаа и расправата и по Предлогот на завршна сметка на Буџетот на Република Северна Македонија за 2020 година.
Во досегашниот дел од расправата за Предлогот на завршна сметка на Буџетот за 2020 година дебатираа пратеници од опозицијата, кои обвинија дека во година на криза и пандемија, тогашната Влада наместо домаќински и одговорно да управува, спровела промашени економски мерки кои не ја постигнале целта, ја зголемила задолженоста на државата од 50 на 60 проценти од БДП. Бројките во Извештајот, како што посочија, не одговараат на реалната состојба, како што е со вредноста на БДП споредено со податоците од Државниот завод за статистика, поради што завршната сметка за 2020 година треба да биде повлечена и коригирана.
Расправата по оваа точка од 50- тата седница продолжува утре. На дневен ред на седницата се и измените и дополнувањата на законите за минерални суровини, за Државен пазарен инспекторат, за јавни претпријатија, за земјоделство и рурален развој.
