Струга

Пораснаа цените на становите во Струга

10.03.2022 11:06

Пораснаа цените на становите во струшко. Еден метар квадратен достигна рекордни 1.300 евра. Најскапи се луксузните апартмани на брегот на Охридското езеро и кејот на реката Црн Дрим.

Пораснаа цените на становите во Струга. Еден метар квадратен се движи од 700 до рекордни 1.300 евра на поатрактивните локации на брегот на Охридското езеро и кејот на реката Црн Дрим. Најевтините станови, кои денес може да се најдат во постари станбени објекти, се движат од 500 до 700 евра зависно од локацијата.

Во последните две години во пандемијата цените на недвижностите во струшко бележат 20% зголемување.

„Тука влијаат повеќе фактори градежните материјали, работната рака, Новите станови се градат со поквалитетни материјали. Еден од елементите е тоа што со ковидот се стекна впечаток дека посигурно е да се вложува во недвижности отколку да се чуваат парите во банка“, вели Инајет Положани агент за недвижности од Струга.

Печалбарите се најголеми купувачи на станови и луксузни апартмани во струшко. Сè уште е мал бројот на странци кои купуваат недвижнини.

„Податоците покажуваат дека печалбарите се големи купувачи, тие го сочинуваат поголемиот дел од колачот, но и домашните ако може така да се каже се сериозни купувачи и купуваат“, додава Положани.

До пред две години цените на поатрактивните станови во струшко се движеа од 500 до 900 евра. Дополнителна причина за поскапувањето се препораките на Унеско, односно забраната за градби во близина на крајбрежјето.

Соња Рилковска