Ристовски: Ќе се дисперзираат паралелките на Спортската академија
По повод Меѓународниот ден на спортот - 6 Април, министерот за образование и наука Спиро Ристовски и градоначалникот на Скопје Коце Трајановски денеска ја нагласија заложбата за што поголем број ученици-спортисти при посетата на средното училиште „Здравко Цветковски“ кое важи за едно од спортски најактивните училишта...

Спортските активности се неопходност за правилен раст и развој. Новите спортски сали и терени, ги стимулираа младите, да им се вратат на спортските игри. Се проширува квотата за упис на средношколци во спортската академија, преку дисперзирани паралелки во другите градови.
По повод Меѓународниот ден на спортот - 6 Април, министерот за образование и наука Спиро Ристовски и градоначалникот на Скопје Коце Трајановски денеска ја нагласија заложбата за што поголем број ученици-спортисти при посетата на средното училиште „Здравко Цветковски“ кое важи за едно од спортски најактивните училишта.
Ристовски изјави дека Владата и Министерство се фокусирани на две реформи за зголемување на активноста на учениците (основци и средношколци) во различни видови спортови и категории во матичните училишта.
„Едната е дисперзирање на паралелките на Спортската академија. Со распишаниот конкурс за средно, предвидени се седум дисперзирани паралелки и веќе почнува процесот на пријавување и селекција на ученици. Вториот фокус што си го поставивме е до 2016 година да се зголеми бројот на ученици вклучени во училишниот спорт. Нашиот план за наредните две години е на ниво на целата држава активно да бидат вклучени 100.000 ученици, наспроти сегашните 30.000“, рече Ристовски.
Средствата вложени во училишниот спорт се правилно вложени средства, бидејќи учениците бавејќи се со спорт имаат подобро здравје, подобра физичка подготвеност, како и професионално подобри резултати, нагласи градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски.
