Заврши средбата Кулеба – Лавров, нема напредок
Нема договор за прекин на војната – не добив гаранции дека ќе запрат нападите за да се евакуираат цивили – изјави Кулеба по средбата со Лавров во Турција. Русија ќе бара предавање на Киев но нема да го добие-изјави украинскиот министер за надворешни работи.

Нема напредок во разговорите за прекин на огнот потврди украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба по средбата со неговиот руски колега Сергеј Лавров. Русија ќе продолжи со својата агресија сè додека Украина не ги исполни барањата на Москва според ставовите на лавров, заклучи Кулеба.
„Ќе се сретнеме повторно во овој формат доколку има шанса за решенија. Кога ќе се сретнат двајцата министри, се бара решение, а тоа е мандатот што им го дадоа лидерите и јас сум подготвен да продолжам со оваа цел да ја запреме војната во Украина и страдањата на украинските цивили и да ја ослободиме нашата територија од руските окупатори“, изјави Дмитро Кулеба.
Лавров рече дека ја потсетиле украинската делегација на претходно презентираните предлози и оти Москва чека одговор. Тој рече дека е спремен повторно да се сретне во истиот формат.
„За време на последната рунда разговори руската страна излезе со конкретни предлози, а украинската не увери дека ќе даде конкретен одговор. Сакаме сериозно да разговараме за работите. Тие дозволија употреба на оружје во Украина, кое може да се постави секаде, а го користат терористи. Ќе ја прашаме ЕУ како е можно оваа закана за Русија да се создава со години. Во годините што доаѓаат ние ќе ги има овие закани не само од Украина, туку „секаде во ЕУ“, изјави Сергеј Лавров.
Во меѓувреме, сè поголем број жители ги напуштаат своите домови северозападно од Киев. Некои заминаа по денови поминати во подруми без струја и парно.
„Автобусот ќе се сврти. Луѓето ќе бидат изведени од таму. Порано го криевме автобусот овде, но сега тоа е лоша опција бидејќи има непријателски воздухопловни сили кои оперираат во оваа област. Ќе се вратат сега и ќе го паркираат автобусот таму. Ќе почнеме да собираме луѓе“, рече украински полицаец.
„Немаше да го напуштиме Ирпин, но не можеме да живееме во борбена зона. Покрај пукањето, една недела немавме струја. Пред два дена останавме без бензин“, вели евакуиран маж.
„Многу сум загрижена што морав да ја напуштам мојата куќа. Таму останавме колку што можевме. Не сакавме да заминеме. Потресно е да се остави сето тоа зад себе. Немаме струја, немаме гас, немаме парно. Готвевме храна на камперски оган. Цело време го поминавме во подрумот затоа што има постојани борби во областа каде што живееме“, рече евакуирана жена.
„Ситуацијата е тензична, но стабилна. Се е под контрола. Нашиот единствен проблем е што небото не е затворено за руската авијација. Не напаѓаат со ракети и авиони. Тоа е единствениот проблем“, вели украински полицаец.
Украинскиот претседател Зеленски оцени дека актуелниот конфликт може да се реши само преку директен дијалог со рускиот претседател Путин. Истакна дека е подготвен да преземе одредени чекори за крај на војната.
Марина Ристова
