Секој десетти жител во Македонија има по некоја форма на бубрежно заболување
Секој десетти жител во државава има по некоја форма на бубрежно заболување. Дијализата тешка и исцрпувачка, ковидот дополнително ја влоши состојбата на пациентите. Се зголеми бројот на донори на органи.

Секој втор ден Душко Ѓорѓиев, поминува по 4 до 5 часа на апарати, купувајќи живот за наредните 48 часа. Дијализата е тешка е исцрпувачка, третманот трае долго, не смее да се пропушти. Ковид пандемијата дополнително ја отежна ситуацијата.
„Посебен проблем беше дијализирање на пациенти заразени со Ковид – 19“, вели пациентот Душко Ѓорѓиев.
Во Македонија според статистиката 1 од 10 возрасни или околу 200 илјади граѓани имаат некоја форма на бубрежно заболување. Превенцијата и третманот клучни во спречување на сериозна хронична болест.
„Превенцијата е клучна, за да се спречи појава на тешки бубрежни заболувања, подоцна дијализа и трансплантација“, рече Елизабета Ѓоргиевска, сопруга на претседателот на државата.
„Пациентите со бубрежни заболувања беа во групата на пациенти со коморбидитет, кај кои се јавуваа тешки форми на Ковид – 19. Овие пациенти беа лекувани на интензивните одделенија“, додаде доц. д-р Ирена Бушлетиќ – Рамбабова, директор на Клиника за нефрологија.
Околу 1600 пациенти се на дијализа во 23 центри во државата. Најоптимален метод за лекување на бубрежна болест е трансплантација на бубрег. Дарителите се членови од семејството, но и пациенти кои починале од мозочна смрт.
„Изминативе две години, во ек на пандемија направени се 42 трансплантации на бубрези“, вели проф. д-р Сашо Дохчев, директор на Клиника за урологија, шеф на тимот на трансплантација.
„Највисок чин на човекољубие е дарување на органи и спасување на животи“, нагласи министерот за здравство Беким Сали.
Болеста е повеќе застапена кај возрасната популација особено кај машкиот пол. Но, жените се побројни донатори на органи-велат докторите. Најмладиот пациент на дијализа има 2,5 години.
Наташа Јанчиќ Менковски
