Македонија

РКЕ ќе интенвенира на дневна основа ако корекциите се поголеми од два денари

10.03.2022 14:11

Вечерва нови поскапувања на горивата. Од Регулаторната комисија за енергетика велат дека ќе интервенираат на дневна основа ако корекциите се поголеми од два денари за да спречат ценовни шокови. Нафтени компании во земава предупредуваат дека е можна криза со деривати, дел се закануваат со затворање на бензинските станици...

Вечерва повторно ќе има нова цена на горивата. Од Регулаторна велат – на дневна основа интервенираат само ако поскапувањето или поевтинувањето на берзата е поголемо од 2 денара за да се спречат ценовни шокови. За 33 проценти се намалени маржите на трговците. Очекуваат Собранието брзо да ги донесе новите мерки за акцизата и ДДВ, бараат разбирање од страна на трговците и порачуваат сите да се однесуваат рационално.

„Свесни сме дека трговците купуваат во реално време, а ние правиме цена за минатиот период. Минатата недела беше главниот удар, а ние правевме цени врз основа на претходната недела поради што трговците се соочуваа со губитоци кои кај дизелот достигнаа до 22 денари. Затоа почнавме со методологијата ден за ден во која се следи просекот од изминатите пет дена.“ – велат од регулаторната комисија за енергетика.

Намалувањето на маржата ќе предизвика криза со снабдувањето со нафта и нафтени деривати, реагираат од компанијата „Макпетрол“. Постои сериозен ризик за целосна блокада на економијата, не само на краток, туку и на подолг рок. Посочуваат дека мерките се несоодветни на глобалната криза од којашто особено се зафатени компаниите што се занимаваат со снабдување гориво.

„Овој сектор изминативе недели веќе работи со загуба поради несоодветната методологија за пресметка, што доведува набавните цени да се повисоки од постоечката малопродажна. Со дополнителното намалување на маржите, загубите ќе бидат огромни. Укажуваме дека тоа може да принуди одредени трговци да престанат да продаваат гориво, а тоа е опција којашто и „Макпетрол“ сериозно ја разгледува“ – истакнуваат од компанијата.

Малопродажната цена на нафтените деривати се утврдува со просек од последните 5 дена на цените на светските берзи, цената на дизелот е далеку погоре отколку на бензините.

Од Регулаторната комисија за енергетика очекуваат набрзо да се стабилизира состојбата на светскиот пазар. Ги повикуваат трговците на трпеливост и солидарност. Најавуваат дека маржата ќе им биде вратена веднаш кога ќе се создадат услови.

Сунчица Николоска